Три недели по инцидентот со птичјиот грип, отворени вратите на зоолошката во Скопје
Три недели откако птичјиот грип ја запечати установата, ЗОО Скопје денеска ги отвори вратите за посетителите. Безбедно е и дезинфицирано, тврдат надлежните.
Животните им недостасувале на сите, од најмал, до најстар.
Откако Агенцијата за храна и ветеринарство потврди присуство на причји грип кај угината гуска во езерцето на зоолошката, беше спроведен надзор и беа убиени сите птици кои биле на истата локација. 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка.
Дел од вработените во зоолошката беа под здравствен надзор, меѓутоа по направените тестови кај ниту еден од нив не беше констатиран птичји грип.
Во меѓувреме, надлежните од АХВ апелираат до граѓаните ако најдат угинати гуски и патки да ја известат агенцијата лично.
„Во врска со болеста птичји грип (авијарна инфлуенца), која неодамна беше потврдена кај две угинати диви птици во Скопје, во два изолирани случаи, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните, за пронајдена угината дива птица од водните видови (патки, гуски и слично) да ја известат АХВ лично ( во Централа или во подрачните единици на Агенцијата), на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22 или на info@fva.gov.mk), или ветеринарните друштва. Доколку станува збор за други видови угинати птици и за изолирани угинувања, тоа треба да го пријават на јавните комунални претпријатија за нештетно отстранување на лешевите“, стои во објавата на АХВ.
Епидемиолозите се децидни дека е мал ризикот луѓето да се заразат со птичји грип. За да се добие позитивен тест треба да има близок контакт со заболено или мртво животно, или да има близок контакт со некој секрет и измет од заболени или мртви животни.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар