Бизнис
20. September 2015 - 9:25

Трговските гиганти полека но сигурно умираат

Бука - Сараево

Се почна дамнешната 1916 година, кога била отворена Piggly Wiggly, прва самопослуга. 

Во тоа време ваквото работење било новитет, со оглед дека порано продавниците биле конципирани на начин купувачите својата порачка да ја кажуваат на продавачот кој потоа за нив ги земал намирниците од рафтовите. Тоа набрзо станало модел за овој тип на индустрија.

За пет години, малата продавница од Мемфис се проширила во 200 градови во 40 држави, со промет од 60 милиони долари. Денес, според податоците од 2014 година, самопослужната прехранбена индустрија генерира над 683 милијарди долари профит.

- Традиционалната трговија, според мене е праисториска – коментираше Фил Лемперт, индустриски аналитичари кој динамиката на супермаркетите ја проучува 25 години и додаде: - Со тој концепт е завршено.

Лемперт наведува дека во прехранбената индустрија, најнов тренд се помалите продавници со поголем избор на разновидна храна и се предвидува дека моделот каков што го имаат германските Лидл и Алди ќе биде тој кој во иднина ќе се покаже успешен.

Промената веќе настапи во работењето на продавниците. Со оглед на конкуренцијата, супермаркетите се принудени на консолидација. Порано оваа година Албертсон го докапитализира Сафеваи, а холандскиот Ахолд планира да го купи белгискиот Делез и тоа за 29,5 милијарди долари, додека лани Крогер го купи Харис за 2,5 милијарди долари.

Помалите продавници можат да бидат потенцијално поинтересни на одредени купувачи, но Лемперт укажа и на моделот кој на пример го користат продавниците за маслиново масло. Имено, се работи за продавници кои нудат стотици шишиња производи кои се во основа исти, т.е. неколку верзии од истиот производ.

Целосната доминација на супермаркетите ја загрозува и движењето – да купуваме домашно, кое станува популарно во светот. Дополнително, во страв од генетски модифицираната храна, купувачите се повеќе купуваат домашни производи какви можат да се најдат во помалите продавници.

Но, на крај, всушност технологијата ќе биде клучна за развој на трговијата во годините кои доаѓаат.

Со оглед на се поголемата присутност на интернетот, денес можат да се најдат паметни фрижидери кои автоматски ги набројуваат намирниците како млеко и јајца. Услугите за достава на храна во домовите ги променија денешните навики на купување.

- Сметам дека трговијата каква што ја познаваме денес ќе изумре не за 50 или 100 години, туку за 10 години – коментира Лемперт и додава: - Достава на домашна врата ги поместува границите. Со технолошките иновации како автономните автомобили лесно може да се замисли дека токму тие ќе ја вршат вашата достава, исто како Убер.

Времето ќе покаже дали предвидувањата на Лемперт навистина ќе се остварат. Истовремено, додека Лемперт тврди дека индустријата се врти кон помалите продавници, треба да се спомене дека бројките не ја поддржуваат секогаш неговата теза. Од 2000 до 2013 година, површината која ја заземаат американските продавници за храна дополнително е зголемена.