Македонија
4. December 2024 - 13:12

Предлог-буџетот за 2025 на собраниската седница закажана за 10 декември

На собраниската седница закажана за 10 декември се очекува да започне расправата за Предлог-буџетот за 2025 година. Согласно Деловникот за работа на Собранието, претресот по Предлогот на буџетот, односно по дополнетиот предлог на буџетот на седница на Собрание, се води во втората недела на месец декември и трае најмногу пет дена.

Како што информираат за МИА од Собранието, Предлог-буџетот ќе биде една од точките на дневене ред на 22. седница на која исто така треба да биде изгласан и потребата за носење на Предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година (по скратена постапка). 

Врз основа на член 193 од Деловникот на Собранието, по завршувањето на амандманската расправа Предлог-буџетот се враќа до Владата која подготвува дополнет предлог на буџетот. Дополнетиот предлог на буџетот претставува нов интегрален текст во кој Владата ги вградила амандманите со кои се согласила и потребните изменувања и дополнувања на предлог на буџетот. Кон дополнетиот предлог на буџетот се доставува и образложение. На дополнетиот предлог на буџетот амандмани можат да се поднесат најдоцна во рок од три дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието, само на оние делови кои во дополнетиот предлог на буџетот се изменети. Амандмани можат да поднесат секој пратеник, пратеничка група и Владата.

Согласно Деловникот, за претресот и гласањето по амандманите на дополнетиот предлог на буџетот соодветно се применуваат членовите 163 и 164 од овој деловник.

Претресот по предлогот на буџетот, односно по дополнетиот предлог на буџетот на седница на Собрание, се води во втората недела на декември и трае најмногу пет дена.

Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Собранието го донесува Буџетот најдоцна до рокот утврден со закон. 

Амандманската расправа за Предлог буџетот заврши на 29 ноември. Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарда денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41 350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 процента како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 отсто, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.