Третиот „МНТ Фест“ почнува утре со концерт на театарска музика од Горан Трајкоски
Македонскиот народен театар денеска го најави третиот фестивал „МНТ Фест“ кој, за разлика од претходните две години, овојпат ќе нема збиена програма. Ќе трае од април до јуни со паузи меѓу изведбите, за публиката да може да ги одгледа сите претстави. Годинашниот „МНТ Фест“ ќе почне утревечер со концертот „На светов убавина“ со авторски песни за претстави од познатиот музичар Горан Трајкоски.
Директорот на МНТ Дејан Пројковски на прес-конференција соопшти дека гостувачки претстави ќе има до крајот на јуни, а првото гостување на „МНТ фест“ е задутре во црквата „Пресвета Богородица“. Триесетина учесници од „Wegajty Music School“ од Полска во среда од 20 часот во храмот ќе го изведат проектот „Ludus Pasionis“. Пројковски посочи дека има доста специфична театарска форма, која е блиску до средновековните литургиски претстави.
Гостувањата во мај ќе бидат во знакот на италијанскиот театар: „Сон на летната ноќ“ - претстава со млада актерска екипа на „Фактори театар“; Театарот „Принципоативо“ со претстава од писателот Луиџи Пирандело; танцова претстава во изведба на „Роберто Кастело компани“ од Лече, како и една проекција на документарецот „Земјата во која дрвјата летаат“ снимен оваа година и посветен на Еуџенио Барба, основач на Один театарот. Гостин на проекцијата ќе биде еден од режисерите од Милано. Во јуни ќе биде организирана и работилница за актери во соработка со Один театарот.
- За јуни подготвувавме уште неколку изненадувања, но поради ексклузивноста на дел од учесниците тоа би го оставиле за некоја следна прилика, рече Пројковски. Откри дека во јуни на „МНТ Фест“ ќе гостува претставата „Соларис“ на Андриј Жолдак, копродукција со „Виенер фест вохен“, еден од најголемите европски театарски фестивали. По премиерата во Виена (10-ти, 11-ти и 12 јуни), „Соларис“ ќе гостува во Скопје во рамки на „МНТ фест“.
- Се работи за голема и сериозна театарска продукција. Мислам дека „Соларис“ ќе биде една од претставите која ќе ја одбележи оваа театарска сезона во Македонскиот народен театар, рече Пројковски.
На утрешниот концерт „На светов убавина“ ќе бидат изведени 17 авторски песни на Горан Трајкоски, создадени за десетина претстави од 2003 до 2013 година, заклучно со „Вечната куќа“ со која почна работата на новиот објект на МНТ.
- Не сум некој голем љубител на објавување инструментална музика. Секогаш сум повеќе за изведување во живо и поборник за песната како музичка форма отколку за инструменталната музика која преовладува во театарот. Затоа што зборот во театарот му е најчесто посветен на актерот. Во сите овие години наназад се насобра еден поголем збир од театарски песни во кои најголем број се работени за претстави на Пројковски како режисер, рече Трајкоски.
Концертот ќе има три дела - кабаретско-театарски, епски и фолклорен и дел со црковни напеви и псалмични елементи. Во првиот дел тој самиот ќе ги изведува песните, во еден дел Елена Христова и дел во кој ќе настапи Арна Шијак. Првпат, како што рече, ќе настапи со голема екипа - тројца вокалисти (меѓу кој е и самиот) и оркестар со 12 инструменталисти.
Поранешниот член на „Мизар“ и „Анастасија“ е често соработник на Пројковски кои заедно ќе работат и на следни проекти, како „Бура“ во Црна Гора, голем проект базиран на „Псалми“... Пројковски истакна дека Трајкоски е еден од најголемите театарски композитори, не само во регионот, туку и во Европа.
- Тој е еден од театарските автори и дејци кој остава силен белег, го обележува македонскиот театар и е еден од неговите брендови. Над 30 претстави сме работеле заедно и важно е што постојано се изненадуваме, во секоја соработка повторно се преоткриваме, истакна Пројковски.
Концертот „На светов убавина“ е во продукција на МНТ и веќе се преговара по премиерата во Скопје да гостува и во национални театарски куќи на други земји. Планирано е песните да се снимат во студио и МНТ да објави компакт-диск.
Ново на Сител
-
Осум уапсени за сквернавење на македонското знаме, ќе има уште многу, најавуваат од МВР
-
Мицкоски: Инцидентите се дел од планот за дестабилизација
-
Мицкоски најавува справување со корупцијата во правосудството од понеделник
-
Мицкоски: Ние веќе немаме што да дадеме
-
Блокирана е сметката на ЈСП
-
„Блек Фрајдеј“: Маркетиншки трик или реални попусти?
-
Патот Охрид - Кичево црна точка во сообраќајот
-
“Скапи” честитки за родители чии деца се невакцинирани согласно календарот