Трамп најави дека ќе испрати болнички брод во Гренланд

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека заедно со гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, договорил да се испрати болнички брод во Гренланд, данска територија за која постојано повторува дека сака да ја анектира кон САД.
Трамп го објави потегот на социјалните мрежи, непосредно пред вечерата со републиканскиот гувернер во Белата куќа.
– Во соработка со фантастичниот гувернер на Луизијана, Џеф Ландри, ќе испратиме одличен болнички брод во Гренланд за да се грижи за многуте луѓе кои се болни, а за кои таму не се грижат. Тој е на пат!!!, рече Трамп.
Ниту Белата куќа ниту канцеларијата на Ландри не одговорија на прашањата дали бродот е побаран од Данска или Гренланд и на кои болни луѓе им е потребна помош.
Најавата на Трамп дојде неколку часа откако данската Арктичка команда соопшти дека е евакуиран член на екипажот на американска подморница, кој побарал итна медицинска помош, седум наутички милји од главниот град на Гренланд, Нук.
Не е сосема јасно каква врска има гувернерот Ландри со случајот. Американската морнарица има два болнички брода, „Мерси“ и „Комфорт“, но ниту еден не е стациониран во Луизијана.
Данскиот крал Фредерик го посети Гренланд минатата недела по втор пат за една година, обидувајќи се на тој начин да покаже единство со таа територија, како и противење на плановите на Трамп да го купи островот.
На крајот од минатиот месец, Гренланд, Данска и САД одржаа разговори за решение на ситуацијата што ги зголеми тензиите во рамките на НАТО во последните месеци.
МИА
Ново на Сител
-

Тошковски: Водата во Гостивар сѐ уште не е безбедна за пиење, смее да се користи исклучиво како техничка
-

Двајца македонски државјани прогласени за непожелни во Албанија
-

Ѓорѓиевски: Парична помош за 456 онколошки пациенти во наредните два дена
-

МЗ: Состојбата во Гостивар континуирано се следи, намален вкупниот број прегледи
-

Водата во Скопје квалитетна и безбедна за пиење
-

Кривична за сопственик и фирма поради сомнение за даночно затајување над 7,2 милиони денари
-

Групна тепачка помеѓу шест лица во Шуто Оризари
-

24-годишен тетовец со тврд предмет ја нападнал својата мајка
