Македонија
2. September 2020 - 14:13

Трамп му го честиташе 8ми Септември на Претседателот Стево Пендаровски

Во честитка испратена преку амбасадорката Кејт Брнс, американскиот Претседател Доналд Трамп му го честиташе Денот на независноста 8 Септември на својот македонски колега Стево Пендаровски.

„Во име на американскиот народ, Вам и на граѓаните на Северна Македонија ви го честитам  Денот на независноста, 8 Септември.

Оваа година одбележувањето е во околности кога сме соочени со глобалната пандемија. И покрај овој огромен предизвик, Северна Македонија безбедно и транспарентно одржа демократски избори во јули, а вашата земја останува посветена на унапредување на безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот. Во прилог на позитивниот исчекор со зачленувањето во НАТО, Северна Македонија веќе придонесува кон Алијансата, како домаќин на големи вежби на воениот полигон Криволак. Соединетите Држави се горди што се ваш сојузник и ги поддржуваме аспирациите на Северна Македонија за понатамошна европска интеграција и вашиот пат кон членство во Европската унија“ стои во честитката испратена од Трамп. 

Инаку, на средбата со американската амбасадорка, Пендаровски, како што соопштија од неговиот кабинет, разговарал за предизвиците коишто ги носи пандемијата на КОВИД-19, во чие справување како што се вели во соопштението, од помош беше и американската поддршка за здравствените работници, како и за останатите сектори за граѓаните коишто беа погодени од кризата.

„Соговорниците разменија мислења и за предизвиците коишто и претстојат на новата влада и потребата од одржување на националниот консензус со цел успешно да ги спроведеме реформите потребни за исполнување на нашата втора стратешка цел, членството во ЕУ, откако станавме полноправна членка на НАТО изминатата пролет“ – се вели во соопштението испратено од Кабинетот на македонскиот Претседател Пендаровски.

 

Александар Спасовски