Трамп: Доколку режимот не може повторно да го направи Иран голем, зошто да не биде сменет
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека доколку сегашниот ирански режим не е во состојба „повторно да го направи Иран голем“, тогаш можеби ќе биде потребно да се промени режимот во оваа земја, јави ДПА.
„Не е политички коректно да се користи терминот „промена на режимот“, но ако сегашниот ирански режим не е во состојба повторно да го направи Иран голем, зошто да не се случи промена на режимот?“ МИГА!“, напиша Трамп на својот профил на мрежата Truth Social, користејќи го акронимот MIGA за „Make Iran Great Again“, како алузија на акронимот MAGA, или „Make America Great Again“, што беше слоганот на претседателските кампањи на Трамп.
Тој додаде дека пилотите на американските бомбардери Б-2 кои ги извршија нападите врз иранските нуклеарни постројки безбедно слетале во американската сојузна држава Мисури.
„Ви благодарам за добро завршената работа! Доналд Џ. Трамп, претседател на Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп.
Претходно вчера американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави во Пентагон дека ноќниот напад врз нуклеарните објекти во Исфахан, Натанц и Фордоу бил извршен за да се елиминира заканата за американските интереси што ја претставува нуклеарната програма на Иран, а не за да се предизвика промена на режимот во Техеран.
-Претседателот одобри прецизна операција за неутрализирање на заканите за нашите национални интереси што ги претставува иранската нуклеарна програма и колективната самоодбрана на нашите трупи и нашиот сојузник Израел, рече Хегсет пред новинарите во Пентагон.
Американскиот потпретседател, Џ.Д. Венс, исто така, нагласи дека нуклеарната програма на Иран беше цел.
-Ние не сме во војна со Иран, ние сме во војна со нуклеарната програма на Иран, изјави тој вчера за Ен-Би-Си.
Меѓутоа, пренесува ДПА, додека Хегсет и Венс тврдат дека нападите не беа насочени кон соборување на иранското раководство, во Републиканската партија на Трамп постои и табор кој долго време бара политичко соборување во Техеран.
Израел на 13 јуни започна големи напади врз ирански воени цели, наведувајќи дека има за цел да ја спречи земјата да изгради нуклеарно оружје, обвинение што Техеран постојано го негира.
Иран возврати со бранови ракетни и беспилотни летала врз Израел, а жестоките воздушни и ракетни напади денеска влегуваат до десетиот ден.
Ново на Сител
-
Кривична против жители на Марена поради сомнеж дека краделе кабел за фотоволтаици за струја
-
Aрсовска: Запознајте го Бујар Аземи, сопственик на 12-катницата во Чаир, изградена без проект, на диво приклучена на струја, без платени комуналии
-
ЈП Лајка: Пронајдено младо куче затворено во напуштен автомобил без вода и храна
-
Фрлил кесичка кокаин, уапсен 35-годишник во Охрид
-
Расправија во Чаир заврши со пукање во воздух
-
Уапсени петмина во Драчево, се степале и оштетиле прозорци на куќа и автомобил
-
Поскапуваат горивата
-
Путин: Русија презема мерки за да му помогне на Иран