Македонија
22. January 2025 - 11:43

Тошковски: Се собираат дополнителни докази за бегството на Артан Груби

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека во моментов се собираат повеќе докази за тоа дали полицискиот службеник кој бил на смена кога поранешниот вицепремиер Артан Груби ја напуштил државата направил грешка од невнимание или пак тоа било орагнизирано во рамки на одредена група која го организирала бегството.

-За ова е отворена истрага и постапува Основното јавно обвинителство и во рамки на она кое ние го имаме како неспорен доказ имаме поднесено кривична пријава за лицето и истото е суспендирано од работа. Во момнтов се води и истрага за тоа дали имало некаква комуникација и за каква комуникација станува збор, нагласи Тошковски во гостување на 24 ТВ.

Тој потенцираше и дека со цел да се спречи токму вакво сценарио биле направени посериозни подготовки и биле ангажирани сите ресурси. Според него, на границата имало и други дополнителни служби кои требало да реагираат доколку постои бегство но, како што посочи, истите не реагирале бидејќи станувало збор за тајна операција.

-Факт е дека на границата имаше други дополнително пратени служби да регаираат во рамки на евентуалното бегство на предметното лице но исто така факт е дека не знаеја кого треба да стопираат затоа што тоа е дел од полициската оперативна работа. Никој не можел да претпостави дека еден полициски службеник кој што е на позиција, значи да го земе пасошот од одредено лице да го стави на скенер и откако ќе го скенира се појавува на компјутерот пред него дека одреденото лице е на стоп листа, дека наместо да гледа во компјутерот кој што му е основна работа, зошто е инаку на граница, за да продава цвеќиња или да провери дали лицето исполнува услови да ја напушти или да не ја напушти државата, тука тоа никој не можел да го претпостави, рече тој.

Тошковски нагласи дека поради тоа што Артан Груби не изразува иницијатива да се врати во државата е доволен показател за тоа дали е виновен или не.

На 9 декември 2024 година, Груби се најде на т.н Црна листа на американскиот Стејт департмент од каде посочија дека заедно со судијата Енвер Беџети биле вмешани во значителна корупција преку примање мито за предмети поврзани со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. За него и директорот на Државна лотарија е почната и кривична постапка за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.