Тошковски и Клековски на средба со претставникот на УНОДЦ: Борбата против дрогата да се води со координиран пристап

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за здравство Сашо Клековски денеска во просториите на МВР оствариле средба со шефот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) во Скопје, Уктам Насиров, на која биле разгледани можностите за користење на експертските капацитети и искуството на УНОДЦ, преку организирање јавни и стручни дебати, активности за подигнување на свеста за штетните последици од дрогата, како и размена на искуства и добри практики од други држави.
Како што соопшти МВР, средбата се одржала на иницијатива на министерот Тошковски, со цел отворање дискусија за унапредување на досегашниот пристап во борбата против недозволената трговија со дрога и психотропни супстанции, како и за можностите за поголема ефикасност и подобра координација меѓу надлежните институции.
- Посебно внимание беше посветено на можноста за унапредување на законската рамка и разгледување модели што се применуваат во други европски држави. Во тој контекст беше разговарано за пристап според кој, зависно од видот и количината на пронајдената дрога и околностите на конкретниот случај, одредени дејствија би добиле соодветен кривично-правен третман, наместо да се третираат исклучиво како прекршоци. Истовремено, беше нагласена потребата од механизми кои ќе овозможат соработка со правосудните органи, како и соодветен здравствен третман и поддршка за лицата со зависност, стои во соопштението на МВР.

Министрите Тошковски и Клековски ја истакнале потребата борбата против дрогата да се води со координиран пристап во кој, покрај полициското и кривично-правното постапување, значајно место ќе имаат превенцијата, здравствената заштита и третманот на зависностите.
На средбата било разговарано и за поддршка на Националната опсерваторија за дроги и зависности, како и за натамошно продлабочување на соработката со Агенцијата за дроги на Европската Унија.
Иницијативата била позитивно прифатена од шефот на Канцеларијата на УНОДЦ во Скопје, Уктам Насиров, при што била изразена подготвеност за продолжување на разговорите, размена на експертски искуства и разгледување на најдобрите практики од регионот и пошироко.
Од Министерството додаваат дека заеднички било оценето дека справувањето со недозволената трговија со дрога бара истовремено силен институционален одговор кон криминалните структури, ефикасна превенција и соодветен здравствен пристап кон зависностите.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Наместо со ЕУ интеграциите да си ги менуваме институциите, некои земји сакаа да ни го сменат идентитетот
-

Анкета: Рејтингот на Трамп падна на 32%, најниско ниво досега
-

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата
-

Калас ги повика земјите од ЕУ да ја задржат политиката на санкции кон Русија
-

Макрон: Со Трамп имавме многу конструктивен разговор за Црвеното Море и Украина
-

Во Србија почнува исплатата на еднократна помош од 6.000 динари
-

Променливо облачно и ветровито
-

Мицкоски во Њујорк се сретна со заменик секретарот Кристофер Ландау
