Македонија
11. August 2024 - 16:48

Татко и двајца синови завршија зад решетки поради предзвикување пожар

Обвинителство одреди 8-дневен притвор за татко и две негови деца, тројцата од скопско, кои се сомничат дека полевајќи со запалива течност предизвикале пожар, кај Патишка река.

Со запалка запалиле нискостеблеста шума и суви треви. Опожареното земјиште е во државна сопственост, а постоела опасност пожарот да се прошири на поголемо подрачје нискостеблеста и високостеблеста шума, па дури и да зафати дел од Националниот парк “Јасен”. Осомничените ги забележал и ги пријавил очевидец, а полициски службеници ги затекнале и кај нив пронашле повеќе литри од запаливата течност која ја користеле за предизвикување на пожарот. Противпожарни екипи интервенирале за да го изгасат пожарот, стои во соопштението на Обвинителството.

Во меѓувреме,активни се 6 пожари, а други пет се под контрола. Во изминатото деноноќие избувнале 42, останатите се изгаснати.

И денеска критично е во Македонски Брод. Гори на две места, еден потег е : с.Тажево – с.Брезница – Јасен – Белица каде гори борова шума. Кај Брод гори кај село Слатина, но очекувањата се дека овој пожар ќе биде ставен под контрола.

Критично е и кај Новаци, Кичево и Чашка.

Пожарот на Илинска планина се држи под контрола. Од копно и од воздух денеска се гасне и во Пласница, Кичево, Делчево и штип каде горат повеќе депонии.