Македонија
10. September 2024 - 12:19

Штипските пожарникари со рекордни 600 интервенции

Дождот ги изгасна пожарите, но остана црната статистика. Штипската ТППЕ во изминатите 8 месеци бележи рекордни 600 интервенции. Од нив 400 биле пожари на отворено, претежно во летниот период кога се гаснеле и по 7 до 8 пожари дневно.

- Ова лето буквално бевме од утро до касните ноќни часови на терен, изјави Благој Ренџов, командир на ТППЕ- Штип

Во моментот ТППЕ располага со доволен кадар, односно, го задоволува стандардот да има по еден пожарникар на секој 1500 жители. Сепак, потребно е набавка на нова софистицирана опрема за справување со огнените стихии, кои од година во година имаат се поголем интензитет.

- Самите пожарникари се доволно обучени да се справат со сите предизвици, а за опрема да, како и секоја ТППЕ, така и на нашата ни недостасува дел од опремата. Поголем дел ја имаме, но има и одредени недостатоци, така што се надеваме дека со помош од Владата и градоначалникот ќе ја подобриме опремата на ТППЕ, додаде Ренџов

Во периодот кога немаат интервенции се спроведува едукативна настава и практични вежби. Покрај во гаснење на пожари, пожарникарите интервенираат и при сообраќајни несреќи и справување со поплави.