Македонија
24. September 2015 - 14:30

Ташевски: Повеќе граѓани го искористиле правото за слободен пристап до информации од јавен карактер

Се зголемува свеста кај граѓаните за користењето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во 2006 година биле поднесени 513 барања согласно Законот до институциите во државата, а во 2014 година поднесени се 4.551 барање, вели во интервју за МИА Пеце Ташевски, претседател на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. 

- Во Република Македонија веќе 9 години се применува Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер што е демократска придобивка втемелена и во Уставот. Радува фактот што од година во година се зголемува свеста кај граѓаните за користењето на овој закон. Ако во 2006 година биле поднесени 513 барања согласно Законот до институциите во Република Македонија, во 2014 година согласно објавените податоци во Годишниот извештај биле поднесени 4.551 барање. Притоа треба да се има предвид фактот дека во земјите апликанти за влез во ЕУ, меѓу кои е и Република Македонија сеуште постои „феноменот“ на поднесување повеќе барања, а согласно на тоа и поголем број на жалби од страна на Здруженијата на граѓани. Во 2015 година заклучно со месец септември пристигнати се 860 жалби поднесени од граѓани и Здруженија на граѓани. Комисијата од нив има решено 797 предмети и притоа за истите има донесено соодветни решенија, односно заклучоци, а 63 се во постапка на решавање, вели Ташевски. 

Како најчеста причина за поднесување на жалба до Комисијата како второстепен орган кој постапува по жалби изјавени од барателите против имателите, додава тој, се јавува ненавременото давање на бараната информација во законски предвидениот рок од 30 дена од страна на некои иматели на информации. Жалбите од физички лица најчесто се однесуваат на имотно-прави односи, додека кај Здруженијата на граѓани се поднесуваат во зависност од нивните проекти.

Во однос на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер тој подвлекува дека не само што ги следи најдобрите европски и светски искуства туку во некои одредби и предничиме. Во многу европски земји постои апсолутен исклучок од слободниот пристап до информации од јавен карактер, додека, наведува, во нашиот Закон апсолутен исклучок не постои, а наведени се само осум исклучоци, за разлика од некои европски земји каде ги има и по 18 исклучоци.

- Според институтот „Центар за право и демократија“ и „Access Info Europe“, македонскиот закон за 2015 година е рангиран на високото 13-то место на светско ниво (Global Right to Information Raiting). Законот е оценет како функционален, современ и отворен и е оценет со 113 поени од вкупно 150 поени. Како позитивни атрибути кои придонесуваат за високото 13-то место се малиот број на исклучоци, надзорните механизми и подигнувањето на свеста, односно промоцијата на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, нагласува Ташевски во интервјуто по повод 28-ми Септември - Меѓународниот ден за слободен пристап до информациите од јавен карактер.