Loading Video...
Македонија
12. May 2025 - 16:39

Таравари на излезна врата - Ќе го следат ли сите пратеници

Таравари вечерва ги собира партиските органи за конечна одлука за излез од владината коалиција. Состанокот се очекува да биде формалност имајќи предвид дека Мицкоски и Таравари веќе јавно си кажаа збогум. 

Премиерот вчера му посака среќа на својот министер за здравство со очекување за проштална средба и нескриено изненадување што се решил да се врати во прегратките на Ахмети.

И Таравари на партиски настан во Врапчиште веќе почна да звучи како опозиционер Констатираше дека Владата го загубила патот до Брисел а Албанците биле маргинализирани во институциите. Порача дека нема да бидат кукли во Владата и дека Албанците барале да се грижат за нивните интереси.

Иако тврдеше дека не планира да му се придружи на Ахмети, сепак неговите ставови се речиси идентични со оние кои ДУИ ги повторува откако замина во опозиција. Истото соопштение стигна и утрово.

„Со заминувањето на уште еден албански партнер, ова политичко мнозинство целосно без легитимитет кај Албанците, целосно се претвори во моноетничка Влада.
На ова предупредувавме уште од самиот почеток на создавањето на ова парламентарно мнозинство, затоа што беше создадено на премисите на една монструозна амбиција - да се дисциплинира цел еден конститутивен народ и, според нивните зборови „да им се покаже местото“ на Албанците.“ – се вели во соопштението на ДУИ.

Владата не е моноетничка бидејќи има 3 албански партии, а борбата против криминалот на ДУИ да не се претставува како албанофобија, порачаа утрово од ЗНАМ.Со или без Таравари мнозинството останува стабилно, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Она што останува непознато е дали сите сопартијци ќе го следат Таравари. Вицепремиерот Фетаи веќе се огради од него но се уште не се знае како ќе се постават петмината пратеници кои утрово не се појавиле на редовната координација во Собранието.