Македонија
18. August 2025 - 16:38

Вештачката интелигенција „ги изеде“ јуниорските работни места: Како сегашните и идните студенти да се подготват за новата реалност?

Државните факултети утре ќе ги отворат за вратите за 9.719 бруцоши кои ќе дојдат да ги подадат своите документи за да се запишат. Изминатите години фаворит за македонските матуранти беше ФИНКИ, а изненадувачки би било доколку нешто се промени годинава.

Младите сè повеќе ја избираат технологијата. ФИНКИ во последните четири години има најмногу студенти, а ФЕИТ бележи раст од 53%. Кај големите општествени факултети бројот опаѓа, со исклучок на Економскиот факултет.

Но каде и да се определат матурантите, ќе се соочат со еден проблем. Како по излегувањето од клупа да се најде првата работа?

Вештачката интелигенција веќе ги заменува јуниорските позиции во многу сектори, и за ова веќе алармираат светските медиуми. 

Со тоа младите немаат како да стекнат искуство. Како да напредуваш во тоа што си го учел, ако немаш шанса да го работиш?

-Независно што одлучиле да работат, каква кариера да градат, независно дали се економисти, архитекти, правници, дизајнери, маркетери, програмери.. Треба да станат АИ-нејтив во своите професии. Треба да станат АИ-нејтив доктори, архитекти, програмери.. Односно, да научат Вештачка интелигенција. И втората работа што треба да ја направат студентите, она вие што го кажавте, бараат работно искуство, но како до работно искуство, епа ај да се вратиме за време на образованието и додека студираме да работиме за компании, да работиме на проекти, вели Петар Ниновски...

Факултетите мора да ги подготват студентите за новата реалност, но промените доаѓаат побрзо од кога било. За тоа ќе мора заедно да работат образованието, компаниите и самите студенти.

- Да ги сменат своите курикулуми, да воведат технологии, вештини кои моментално се бараат на пазарот на труд. Второ, наместо принтарис за сертификати и дипломи мора да станат центри за вработување, за поддршка на студентите за вработување. Мора да воведат сектори за поддршка на студентите за вработување бидејќи ќе биде многу тешко во наредните неколку години. И трета работа, кој и да е факултетот мора во одреден процент од нивните курикулуми да внесат изучување на Вештачка интелигенција, особено во своите професии. Компаниите тоа што треба да го направат да направат мост меѓу формалните и неформалните образовни центри. Тие треба да бидат мост од клупа до прва работна позиција, вели Ниновски. 

Естонија, најдигиталната држава во Европа веќе најави сериозна АИ реформа на образованието почнувајќи од септември. 

Министерката за образование веќе најави дека од Нова година во образованието ќе бидат вметнати и алатки со вештачка интелигенција. Досега бевме сведоци на еден куп неуспешни реформи во образованието. Но како би требало да изгледа современа АИ реформа?

-Тоа што треба да направиме е да тргнем како индурстријата ќе користи вештачка интелигенција во своите процеси. И ќе користи на два начини, во две големи вертикали. Првата вертикала, ќе ја користи новата технологија и секогаш се случувало во претходни иновациски циклуси, истото, се користи новата технологија, во случајот вештачката интелигенција за автоматизирање на процесот, оптимизирање на „work-flow“, односно зголемување на продуктивноста на своите тимови. Односно, тие да можат да произведат повеќе со помалку ресурси. Е сега што правиме со тие помалку ресурси? Број 2: Тоа што треба да направат компаниите е да искористат вештачка интелигенција за нови бизниси, нови бизнис-модели, нови сервиси итн. Образованието треба да создаде кадри кои ќе можат да помогнат на компаниите во овие точка 1 и точка 2, вели Ниновски. 

Вештачката интелигенција е и предизвик и можност. Дали Македонија ќе гради работници кои ќе ја движат економијата, зависи од образованието, компаниите и од младите кои утре ќе одат да ги подадат своите документи на факултетите.