Тачи: Зад наводната „Албанска доброволна гарда“ стојат Курти и неговата партија
Претседателот на Косово, Хашим Тачи е уверен дека наводното заканувачко соопштение од страна на досега непознатата организација, наречена „Албанска доброволна гарда“, упатено до вршителот на должност премиер на Косово, Албин Курти, е напишано токму од Курти во седиштето на неговата партија, Движењето Самоопределување (ВВ), јави дописникот на МИА од Приштина.
Обвинувањата кон Курти дека „лажира“ закани кон себе и раководството на сопствената партија, која е во оставка откако на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието на Косово, Тачи ги изнесе во синоќешното интервју во емисијата „Рубикон“ на телевизијата Клан Косова.
– Соопштението на „Албанската доброволна гарда“ е напишано од самиот Курти во седиштето на неговата партија. Сето тоа потекнува од неговото партиско седиште, од него лично и од луѓето околу него, изјави Тачи.
Запрашан дали би прифатил телевизиска дебата со Курти, косовскиот претседател рече дека тоа би го сторил „со задоволство“.
– Би сакал да имам една таква дебата, која за мене ќе биде мошне релаксирана и, би рекол, многу забавна, изјави Тачи.
Истовремено, рече Тачи, разрешениот премиер ги затвори границите кон Албанија и ги влоши односите со стратешкиот меѓународен партнер на Косово, Соединетите Америкнаски Држави.
Курти во вторникот, на 19 март, преку својот Фејсбук профил објави дека добил закани од извесна „Албанска доброволна гарда“, но оцени дека, тие закани, всушност се упатени кон Уставниот суд на Косово.
Целта на заканата, според премиерот во оставка, е да се изврши притисок врз судот кој до 29 мај треба да донесе одлука, на барање на неговата ВВ, за уставноста на одлуката на Тачи да го додели мандатот за формирање нова влада на второрангираната партија на последните парламентарни избори, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и на нејзиниот кандидат за премиер, Авдулах Хоти.
– Тие се исплашени и сакаат да го исплашат Уставниот суд и не само него. Тие сакаат да ги исплашат и амбасадорите на Групата Квинт со дестабилизација, доколку предводникот на ПРОНТО (група политичари и поранешни функционери обвинети за злоупотреби на службената должност), претседателот на Републиката, го изгуби случајот, напиша Курти.
Во соопштението кое го објави Курти, „Гардата“ тврди дека има сознанија оти „одредени групи на ВВ организираат протест во Приштина, кој треба да се одржи на 29 мај“, што е последниот рок утврден од Уставниот суд за донесување толкување за уставноста на одлуката на Тачи.
– Ги информираме водачите на злосторничката организација ВВ дека ние, припадниците на Гардата, нема да седиме со скрстени раце и да ве гледаме оддалеку. Нашите единици ќе излезат секаде каде што има потреба и ќе ја одбраниме земјата. Албин Курти и сите водачи на ВВ кои помагаат во организирање на тој протест сега имаат причина да бидат загрижени за својата и за безбедноста на нивните семејства. Нашите акции ќе се простираат на територијата на цело Косово и ќе се дејствува доколку е потребно, се вели во соопштението на „Гардата“.
Истиот ден, набрзо откако Курти го објави соопштението на „Гардата“, Уставниот суд побара од сите субјекти во земјата, посебно именувајќи ги претседателот на државата и вршителот на должност премиер, да престанат да му вршат притисоци и да му овозможат да одлучува професионално и независно.
Косовската полиција соопшти дека во соработка со Специјалното обвинитество, покренала истрага за случајот.
Ново на Сител
-
Fast Food 7 - принцип за постојан квалитет | Билјана З. Попова | Бизнис приказни | Sitel Podcast 030
-
Пронајдена неексплодирана експлозивна направа во Битола
-
Разбојникот кој ограби казино со автоматско пушка е полицаец
-
Демири: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурена, менаџментот треба да преземе одговорност
-
До 30 април на полноќ пријавување на болните и изнемоштените за гласање на изборите на 8 мај
-
Гевгеличанка лажела дека е царински застапник и измамила Грк за 2.000 евра
-
Тошковски: Поддршка до специјалните единици бидејќи тие се првиот столб на заштитата на безбедноста и суверенитетот на државата
-
Пет клучни донатори вложија повеќе од 50 милиони долари во претседателската кампања на Трамп