Македонија
5. May 2025 - 16:42

СЗДСМ – Сите лица со дијабет тип 1 да имаат инсулински пумпи!

Наместо парите да ги трошат за лекување на последиците од дијабетот, надлежните да ги насочат во набавка на современи инсулински пумпи и сензори. Од Сојузот на здруженија на лица со дијабет уште еднаш со апел до Владата и Министерството за здравство – сите 3500 кои се на инсулин да имаат медицинско помагало што постојано и точно ќе ја контролира гликемијата. Меѓутоа реалноста со која се соочуваат овие граѓани е далеку од розева. Едвај 9 проценти или околу 300 лица имаат инсулински пумпи што овозможуваат поквалитетен живот. Останатите, чекајќи на современи помагала, речиси секој ден одат по лекари, реагираат од Сојузот.

- Инсулинска пумпа, односно, автоматската испорака на системот што сега се најнови и поврзани со сензори, значи нема да развиваат компликации, нема да има ретинопатии, невропатии, ќе има намалување на хоспитализациите за 49 проценти, кетоацидозата до 56 проценти а и дијабетичната кома се намалува за 40 проценти, вели Диме Велев, претседател на СЗДСМ.

Од Сојузот алармираат дека инсулинските пумпи не се луксуз туку квалитетен третман на лицата со дијабет како што е во многу земји. И ако кај нас се едвај 9 проценти со вакво медицинско помагало, во земји во регионот и Европа речиси се покриени сите кои се со дијабет тип 1. 

- Ние очекуваме сите тапшања по рамо и сите –се е ок, конечно да седнеме на маса бидејќи очигледно само парите се предизвик па да си го преземе тоа Фондот како што е сегде во светот и да почнат да се менуваат работите со дијабетот во нормално, вели Велев. 

А освен инсулинските пумпи, од Сојузот апелираат и за набавка на современи глукомери. Да не биде цената единствен критериум туку квалитетот со кој ќе спречат компликации.