Македонија
19. January 2025 - 17:09

Сузбиена криминална група предводена од Раде Штекли – 14 лица од Скопје осомничени за трговија со дрога

Криминалната група предводена од Раде Трајковски - Штекли падна во рацете на полицијата и обвинителството. Вкупно 14 лица се сомничат за продажба на дрога. Во координирана акција на МВР и обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вчера на повеќе локации во Скопје и една во Гевгелија уапсени се 10 лица.

Меѓу нив е и Штекли, кој според првичните информации бил приведен во близина на гевгелиски хотел. Тројца не се достапни на органите на прогонот, а еден веќе е во притвор. Бандата била следена повеќе месеци.

-Од слобода се лишени 10 лица за кои постои основано сомневање дека се членови на криминална група која подолг временски период извршува кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и наркотични средства. Осомничените – членови на криминалната група, дистрибуирале и организирале улична продажба на наркотични супстанци директно до корисниците, соопштија од ОЈО ГОКК.

При вчерашните претреси на повеќе локации била пронајдена дрога и предмети поврзани со продажба на наркотични средства.

-Извршени се претреси кај 16 лица, на вкупно 21 локациja на подрачје на Скопје и Гевгелија. При претресите пронајдени и одземени се поголем број предмети за кои ќе биде извршено форензичко вештачење. Меѓу пронајдените и одземени предмети се и повеќе поголеми и помали пакувања со прашкаста материја, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Од обвинителството за гонење организиран криминал и од МВР информираа дека акцијата се уште трае, а детали најавија за наредните денови.

Инаку Раде Трајковски Штекли стана познат на јавноста по трите обиди за негова ликвидација. Во 2023 –та два пати беше пукано кон него во трговскиот Ист Гејт првиот пат од возило во движење, а вторпат додека се симнуваше со пријател по ескалатор. Во ноември лани во дворот на неговиот дом во Ќерамидница пукна експлозивна направа. Во сите три случаи помина со повреди, а истите се уште не се расчистени.

Истрагата претпоставува дека се поврзани со расчистување на сметките во криминалното подземје помеѓу групите од Арачиново и Грчец. Сомневањата се дека тој е повзан со арачиновскиот картел “Беланоца”, чии неколку членови беа уапсени неодамна.