Судскиот совет треба да избира нов претседател
Судскиот совет денеска на седница во 11 часот треба да гласа за избор на нов претседател, откако доскорешната претседателка Весна Дамева беше разрешена во средата, во тензична атмосфера и според мислење на експерти, во незаконска постапка. Директен повод за смената беше нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, предлог кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот.
Првично беше најавено дека наследникот на Дамева ќе биде избран ден по нејзиното разрешување, но заменик-претседателот на Советот Адеми во четвртокот побара одлагање на изборот за неколку дена, поради, како што рече, важноста на прашањето како што е избор на нов претседател, за кое би било добро присуство на сите 13 членови.
Разрешената претседателка Дамева произнесувајќи се за предлогот за одлагање на седницата рече дека се надева оти „во наредните денови ќе има доволно време да се обезбеди потребното мнозинство“.
- Мене ми е навистина непријатно што ова се случува. Иако морам да бидам искрена, како што сум била секогаш, дека очекував дека ќе имате мнозинство да се изгласа во овој момент, но ќе оставиме уште два дена да видиме дали вашето незаконско разрешување без спроведена каква било постапка, понатаму на некој начин ќе се легализира, коментираше Дамева.
Коалицијата „Сите за правично судење“ за седницата на Судскиот совет на која беше разрешена Дамева изготви извештај во кој меѓу другото се наведува дека престанок на мандат, во смисла на разрешување, може да постои само како резултат на сторена дисциплинска повреда согласно членот 34 од Законот за Судски совет, за што мора претходно да биде спроведена дисциплинска постапка согласно членот 35, односно да биде поднесено формално образложено барање поткрепено со докази, доставено од кој било член на Советот или најмалку 20 судии.
За разрешувањето на Дамева, но и за општата состојба во судството, реагираа и претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда, пратеници во Собранието, ДКСК, како и правни експерти. Разрешувањето на Дамева за експертите во правосудството претствува непочитување на процедурата и Деловникот.
Викендов за случајот се произнесоа и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и поранешната врховна судика Вера Коцо.
Грковска оценува дека наместо да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството, што е една од основните функции на Советот, од таму „се манифестира прекршување на процедурите и постапките во самото работење на Советот, што е срамно не само за нив туку и за државата“.
- Телото кое е задолжено да ја оценува работата на судиите и судовите во земјава, мора да биде пример за професионалност и законито работење. Јавно прашувам, со кој кредибилитет ќе продолжи ваквиот Судски совет да носи одлуки? Кој би бил нивниот кредибилитет како судии? Уште повеќе, очекувам надлежните институции да покренат постапки на повеќе нивоа, зошто одмолчувањето и игнорирањето ќе значи сериозно дерогирање на целото општество, додава Грковска
Поранешната врховна судијка Коцо случувањата во Судскиот совет ги оцени како аномија, непочитување на закон и отсуство на морални норми.
- Како успевала (Дамева) да ги менаџира состојбите во Советот, јас не знам. Но, ова што се случи e недозволено. Не е дозволено од страна на нејзиниот заменик, да си земе за право во нејзино присуство да го преземе водењето на седницата, да нафрлува работи кои не се испитани и наједноставно да ги повика присутните да гласаат за нејзино разрешување. Со кое право? Немаше такво право, од причина што со Законот за Судски совет не е предвидено разрешување на претседател на Судскиот Совет., рече Коцо во интервју за Радио Слободна Европа, подвлекувајќи дека нема законска одредба во таа смисла, а самата седница како што беше изведена била сосема непристојна и надвор од сите законски решенија.
Демократскиот сојуз, пак побара членовите на Судскиот совет да поднесат оставки, а како причина ги наведе актуелните случувања, но пред сѐ, додадаваат, некредибилниот судски систем и недовербата на граѓаните во судиите (само 3 отсто од граѓаните имаат доверба во судиите), како и намерното застарување на голем број тешки судски предмети, сомнежите за корупција од големи размери и целосната парализа на владеењето на правото и правниот систем. По констатирањето на оставките треба да започне постапка за избор на нови членови на Судскиот совет, се наведува во соопштението на ДС.
Писмото што ја разбранува јавноста и правосудната власт, американската амбасадорка Агелер го испратила на 11 април годинава до судските и извршните органи. Во него таа изразува загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили.
Од Министерството за правда потврдија дека на адреса на ресорниот министер Кренар Лога „стигнал допис во однос на работата на апелационите судови, кој што дополнително ќе се анализира“. Покрај до министерот за правда Лога, писмото било испратено и до шефот на дипломатијата Бујар Османи, до Врховниот суд, Апелациониот суд – Скопје и до неколку основни судови.
Скопскиот Апелациски суд изминатиов период одлучи да укине неколку првостепени пресуди и да ги врати на повторно судење. Дел од нив се однесуваа на пресуди за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за случаите „Титаник 2“ и „Таргет-Тврдина“, како и за првостепените пресуди за „Трезор“ и за организаторите на случувањата во Собранието на 27 април.
Ново на Сител
-
Курти: Сите одлуки во надворешната политика ги носам во договор со Османи, Коњуфца и Гервала
-
Од понеделник почнува имплементација на планот за справување со корупцијата во правосудството, најави премиерот
-
Соработката на Министерството за локална самоуправа и Мировниот корпус на САД потврдена со потпишување на Меморандум
-
Мицкоски: Владата ќе одговори жестоко на сите провокации и обиди да се дестабилизира мирот и безбедноста во државата
-
Кина откри најголемо наоѓалиште на злато со проценета вредност од 76 милијарди евра
-
Блокирана е сметката на ЈСП
-
Премиерот Мицкоски очекува минимално зголемување на цената на струјата
-
Трамп го честиташе Денот на благодарност и на „радикално левите лудаци“