Свет
23. јуни 2020 - 20:44

Столтенберг: Светот има потреба од поголемо германско лидерство

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска го потенцира значењето на германското лидерство по контроверзниот потег на американскиот претседател Доналд Трамп да го соопшти повлекувањето на 9.500 американски војници од Германија.

-Светот има потреба од повеќе германско лидерство, изјави Столтенберг за Дојче веле. „НАТО има потреба од германско лидерство. Сите имаме потреба Германија да игра уште поважна улога, затоа што Германија е најголемата економија во Европа“.

Коментарот на Столтенберг доаѓа откако минатата недела Трамп ја потврди својата намера да го намали бројот на американски војници во Германија од сегашните 34.000 на 25 000. Германските министри, вклучувајќи ги и министерот за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер и министерот за надворешни работи Хајко Мас го искритикуваа планот на Трамп.

Столтенберг додаде дека, пред да го даде официјалното соопштение, за овој потег разговарал и со Трамп и притоа го повикал да го задржи американското присуство во Европа.

-Тоа е важно за Европа, но е важно и за САД, изјави тој. „Мирот и стабилноста во Европа придонесуваат за безбедноста на Северна Америка.”

Во интервјуто за Дојче веле Столтенберг како значително го оцени зголемувањето на буџетот за одбрана на Германија.
 
-Германија ја ценам како многу силен и важен сојузник. И Германија сега всушност значително повеќе инвестира во одбраната, рече Столтенберг.

„Германија сега го има најголемиот буџет за одбрана во Европската унија и е трета во НАТО по Обединетото Кралство и САД … Во несигурни времиња имаме потреба од силни мултифункционални институции”, додаде генералниот секретар на НАТО.