Македонија
29. March 2023 - 12:21

Сточарите се жалат од цената на јагнето

Ниската откупна цена на јагнето ги доведе сточарите на раб на рентабилност, а сточниот фонд рапидно се намалува. Омер Бајрам е единствениот жител на штипското село Лакавица кој се занимава со овчарство. Вели дека јагнето му го откупувале од 170 до 190 денари за килограм жива мера, кои не се доволни за да ги покрие трошоците, а во месарите се продава по цена од 550 и 600 денари за килограм.

  • Реалната цена оваа година, бидејќи се е поскапено за 100 %, минимално би требало да биде 260 до 280 денари за килограм жива мера јагнешко. Надвор се продава скапо, а од нас го земаат евтино. Млекото исто така, го земаат за 50 денари, што за нас не е исплатливо- изјави Омер Бајрам, сточар од с.Лакавица, штипско.

Јагнињата им се откупуваат во 3 класи. Јагне потешко од 25 килограми се класифицира во трета класа и се плаќа по 170 денари за килограм. Бајрам вели дека само минатата година се продадени повеќе од 100 000 овци, зашто повеќе не се исплаќа да ги чуваат.

  • Никој повеќе и не се буни, се знае веќе се, само продаваат. Со сите сточари од државата разговараме, сите велат, уште малку остана и ќе ги продадеме. Ние не сме само оваа година оштетени, секоја година кај нас е исто- додаде Бајрам

Бајрам е сточар од свои 15 години и одгледува околу 400 грла овци. Без викенд, празници, годишен одмор, смета дека повеќе никој нема да се нафати да се занимава со сточарство, а овчарството во блиска иднина целосно ќе згасне.