Македонија
14. May 2025 - 12:18

Основните и средни училишта во Кочани должат 10,5 милиони мкд кон КПЈ „Водовод“

Основните и средни училишта во Кочани со долг од 10,5 милиони денари за неплатени комунални услуги кон КЈП „Водовод“.  В.Д. градоначалникот на Кочани Венко Крстевски, обвини за недомаќинско работење на првите луѓе на училиштата бидејќи имале средства за плаќање преку блок дотациите, но парите не ги уплатиле наменски.

Директорите не го негираат долгот, но сметаат дека е не основан, зашто се генерирал откако не се почитува методологијата за пресметка на собирањето на сметот.

-Наместо по кубен метар или по килограм (отпад), кај нас во училиштата се пресметува по метар квадратен (корисна површина) и затоа сметките се до огромни суми кои ние ниту можеме да ги платиме, ниту можеме да го издржиме тој финансиски капацитет за да бидеме на позитивна нула со КЈП „Водовод“, изјави Александар Андов, директор на OОУ „Никола Карев“- Кочани.

Дополнително тврдат, трошоците им се зголемени во текот на зимскиот период поради ниската температура на геотермалната вода за греење на училиштата, па биле приморани да ја догреваат.

-Плус, она што е уште пострашно, ние немаме доволен притисок на влез за да можеме ние со нашите пумпи да ја испумпуваме до 4-ти спрат на гимназијата и затоа ние сме приморани да обезбедиме дополнителни средства за нафта, изјави Драган Трајчев, директор на OОУ „Кирил и Методиј“-Кочани.

-Имаме реагирано неколку пати до претходните директори, за сумата што ја плаќаме, двете училишта е 10 000 евра месечно, 7 месеци по 10 000 евра е 70 000 евра, изјави Љубомир Гацов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Додаваат и дека, блок дотациите од Министерството за образование стагнираат или се намалени, а трошоците постојано и се зголемуваат, што е пак спротивно од тврдењето на В.Д. градоначалникот дека, фиксните трошоци се фингирани, а средствата се трошени за нефункционални цели, но не и за плаќање на долговите.