Свет
7. July 2016 - 16:10

Статистика: Во САД 20 воени ветерани дневно вршат самоубиство

Американското Министерство за воени ветерани денеска соопшти дека во 2014 година просечно 20 ветерани дневно извршиле самоубиство.

За разлика од претходните проценки, ова е прв извештај на Министерството врз основа на прецизни податоци за смртта на поранешни војници и претставува прв дел од големото истражување на извештајот за смртта на 55 милиони воени ветерани од 1979 година.

Најголем број самоубиства во 2014 година бил меѓу ветерани на возраст меѓу 18 и 29 години, односно 86 на 100.000 луѓе. Вкупната стапка на самоубиства во САДе 13 на 100.000 лица.

Бројот на самоубиства меѓу жените ветерани бил двапати поголем отколку меѓу жените кои не служеле воен рок.

Повеќе од 7.400 ветерани извршиле самоубиство во 2014 година, што изнесувало 18 отсто од сите самоубиства во САД. Таа година ветераните сочинувале 8,5 проценти од населението.