„Standard & Poor’s“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава ББ - со стабилен изглед
Кредитната рејтинг агенција „Standard & Poor’s“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија ББ- со стабилен изглед, соопшти Министерството за финансии.
Потврдата на рејтингот го рефлектира ставот на „Standard & Poor’s“ дека, и покрај острата економска контракција во 2020 година Македонија има фискален простор да управува со јавните финансии. Ова се должи на поволните очекувања за раст на економијата на долг рок, стабилизирање на долгот на умерено ниво и пристап на државата до финансиските пазари.
Како резултат на директните и индиректните ефекти, од агенцијата очекуваат годинава контракција на македонската економија за 6%, по што во 2021 година ќе следи заздравување од 3,5%. Нивната оценка е дека светската економија годинава ќе има контракција од 3,8%, а еврозоната од 7,8%, каде што се лоцирани најголем дел од трговските партери на земјата.
Проекциите на кредитната рејтинг агенција се дека до крајот на годината државниот долг ќе изнесува 51% од БДП. Финансирањето на потребите, односно на проширениот дефицит како резултат на пандемијата и на обврските кои достасуваат, се обезбедени преку успешна емисија на еврообврзницата во износ од 700 милиони евра и заемите од ММФ од 176 милиони евра и од Европска комисија од 160 милиони евра. Со овие задолжувања државата има целосно обезбедено финансиски ресурси за 2020 година, при што агенцијата нотира дека ќе останат финансиски средства што ќе се префрлат за следната година.
Во извештајот се нотира и дека земјава добила зелено светло за почеток на преговори за членство во Европската унија и дека ова може да придонесе за интензивирање на спроведувањето на структурните реформи, а со тоа и развој на земјата. Исто така, генерално забележуваат подобрувања во политичката стабилност во земјава во последниве години, се вели во соопштението од Министерството за финансии.
Ново на Сител
-
Убиство пред казино во Кавадарци
-
Фондот за здравствено осигурување лани платил 45 милиони евра за кардиолошки и кардиохируршки интервенции
-
Филипче: Нема сценарио за хаос на избори
-
Деканот на Градежен, Горан Марковски кандидат за градоначалник на Скопје од Независни заедно
-
Герасимовски бара граѓански кандидат за Совет
-
Стефковски: Историски развој на Гази Баба, реализирани 670 проекти за 4 години
-
ЗНАМ: Наскоро имиња за Центар и Куманово
-
Преглед на вестите од светот