Македонија
11. May 2016 - 15:40

Средношколци од Тетово преку „Еразмус плус“ на пракса во Португалија

Ученици од тетовското средно стручно училиште „Моша Пијаде“ поправале луксузни автомобили во Португалија, а нивните наставници во Шпанија ги усовршувале знаењата за ИКТ во наставата. Овие можности и несекојдневно искуство и наставниците и учениците ги стекнале благодарение на програмата „Еразмус плус“.

Наставниците од ова тетовско училиште велат дека на повикот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, им биле одобрени четири проекти од кои два како координатор и два како партнер во проект, пренесува Факултети.мк. 

- Бевме во Хуелва, Шпанија, каде што партнерот во проектот ни одржа седумдневна обука за примена на ИКТ во наставата. Дванаесет професори од нашето училиште се здобија со нови и ги надградија знаењата, вештините и компетенциите од областа. Покрај учењето имавме можност да се запознаеме со шпанската култура и традиција, нови пријателства и искуства со што мобилноста беше исполнета од секој аспект, раскажува Душко Перински, професор по македонски јазик и литература.

Ученици од елетротехничка и машинска струка пак биле пресреќни кога дознале дека ќе заминат на пракса во Португалија.

Според ученикот Елфат Муслија, сите десет ученици избрани за посета на практична настава во Португалија до последниот ден не биле свесни дека пристигнале во Португалија, каде биле примени во сервиси за автомобили каде ги надградиле знаењата.

Неговиот соученик Христијан Миладиновски ни откри дека сопствениците на сервисите за автомобили на неколку ученици им понудиле и вработување.

- Португалија е убава земја чиј народ е со менталитет сличен на нашиот. Имавме можност да се запознаеме со нивната култура и традиција, да уживаме во прекрасната природа. Но, за мене најголем впечаток ми остави тоа што во сервисите во кои извршувавме професионална пракса, последниот ден, сопствениците ни понудија работно место со зборовите „Доколку можете да мигрирате во Португалија, имате каде да работите“. Сега имам поголема доверба во она што ме учеа професорите во овие четири години, вели Миладиновски.

Небојша Трпковски, професор, координатор за Еразмус + проекти во ова училиште вели дека како партнерско училиште реализирале уште два проекти, значајни за учениците.

- Преку проектот „Врснички медијатори денес, чувари на мирот во иднина“, десет ученици од училиштето заедно со десет ученици од училиштето Кубен од Осло, Норвешка, учествуваа на работилници на Попова шапка и Лилехамер, Норвешка. Четвртиот проект кој ќе го работиме до крајот на 2017 година е проект од поголем размер и трае две и пол години. Координатор е Штуловиот универзитет, а имаме партнери од Турција, Шпанија и Португалија. Се работи за активности за дигитализација на училиштата, односно изготвување за прирачник за интеграција на ИКТ во наставата. Се надевам дека со ваквите постигнувања ја правиме наставата поинтересна, ги мотивираме учениците да постигнат поголеми успеси а со тоа ќе бидеме поатрактивни за идните ученици,  вели Трпковски за Факултети.мк.

Програмата, „Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, работа, предавања воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот. Програмата претставува комбинација од седум европски образовни програми, програми за обука и млади, и за прв пат во својата структура го додава спортот.