Македонија
1. November 2017 - 14:29

Средба на претседателот на Собранието Џафери со израелскиот амбасадор Ориан

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска се сретна со израелскиот амбасадор во Македонија Дан Ориан, кој заедно со група од 90 стопанственици од Израел учествува на Конференцијата „Македонија 2025“, каде свое посебно излагање ќе има најдобрата жена иноватор од Израел, Дана Габиш.
 
Како што соопшти Кабинетот на Џафери, на почетокот на средбата, амбасадорот Ориан го истакна потенцијалот на соработката меѓу двете пријателски држави, при што информираше за очекувањата на претседателот на Кнесетот за продлабочување на соработката меѓу двата Парламента. Оваа соработка, како што се наведува, може да го надмине вообичаениот формат на парламентарната соработка и да стави акцент на јакнење на економската дипломатија, одржливоста, јакнење на владеењето на правото, области за кои Кнесетот има огромно искуство кои би можело на партнерска основа да ги сподели со нашето Собрание. 
 
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Џафери, изразил задоволство од средбата и истакнал дека и како поранешен министер за одбрана посветувал големо внимание на соработката со Израел, на полето на одбраната и на отворањето на пилотскиот центар и модернизацијата на леталата. Притоа, ја потенцирал отвореноста и подготвеноста на Собранието на Република Македонија за парламентарна соработка во сите аспекти и нивоа, бидејќи парламентарната дипломатија многупати досега покажала дека е без стеги и формални ограничувања, со што го трасира патот на полесно воспоставување на меѓусебна комуникација.
 
Во однос на депортацијата на Евреите, Џафери рекол дека Република Македонија преку отворањето на Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје, ја покажа и потврди својата безрезервна почит кон жртвите од тој терор.
 
Амбасадорот Ориан информираше за подготовките за одбележување на два значајни јубилеи во 2018 година - 70 години од постоењето на Државата Израел и 75 години од протерувањето на Евреите од Република Македонија во логорот Треблинка. Комеморацијата ќе биде одбележена со специјална изложба во Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје, а другите настани ќе бидат под мотото „Марш за живите“ 11 март 2018 во Битола, преку марш од 2 км., на кој ќе учествуваат граѓани, претставници на цивилното општество, пратеници, министри, политичари од Израел и Македонија, со што ќе се оддаде почит на настраданите 7.144 Евреи. Упати посебна покана за учество на маршот на претседателот на Собранието, кој со задоволство ја прифати и даде своја лична и поддршка во името на Собранието на Република Македонија на целиот проект.
 
Претседателот на македонското Собрание Џафери предложил некои од предвидените настани да се реализираат и во Собранието на Република Македонија - пригодна изложба и запознавање на групата ученици од Израел со Собранието на Република Македонија и пригодна дискусија со претседателот на Собранието, проекција на специјални тематски филмови преку директен пренос на Собранискиот канал, за да можат да бидат видени од сите граѓани на Република Македонија, и да се одржат на 27 јануари - Меѓународниот ден на Холокаустот. Со тоа, Собранието на Република Македонија ќе ја покаже својата почит кон Државата Израел, кон жртвите на Холокаустот и својот правилен и правичен однос кон историските процеси.
 
Во контекст на подигнување на нивото на меѓусебните односи, Џафери истакнал дека оваа Комеморација може да биде искористена и за возвратна посета на Република Македонија на претседателот на Кнесетот, како и на Групата за соработка, со што ќе се даде силна порака и печат на високиот степен на меѓусебната соработка.
 
Соговорниците, како што се наведува во соопштението, споделиле заемни уверувања за натамошна конструктивна и интезивна соработка.