Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со учесниците на програмата „Конекција Оксфорд“
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска остварила средба со учесниците на годинешната програма „Конекција Оксфорд“.
Како што соопшти претседателскиот Кабинет, на средбата присуствувале д-р Костаке Милков, претседател на Балканскиот институт за вера и култура и организатор на „Конекција Оксфорд", м-р Нада Милкова, директор на „Метаноја“ и учесниците: проф. д-р Лорна Смит, проф. д-р Најџел Крук, д-р Даниел Ваткис, д-р Кетрин Фунг и Бетан Вилис, како и проф. д-р Валентин Мирчески.
Потенцирајќи дека програмата е уникатна за нашата земја, претседателката истакнала дека имала задоволство да се сретне со некои од истакнатите говорници од претходните програми на „Конекција Оксфорд“.
- За мала земја како нашата, особена чест е со години наназад да не посетуваат професори и студенти од еден од најстарите светски универзитети. Нивното присуство на македонските студенти и академици им овозможува, не само пристап до светската научна литература, туку и можност за средба со авторите - научници чиј потпис стои на книгите. На тој начин тие ги прошируваат своите хоризонти, но и градат мостови на соработка, истакнала Сиљановска Давкова.
Говорејќи секој од својот домен, гостите зборувале за промените коишто сакаат да ги видат кај луѓето, како и на кој начин да се реформира едукативниот систем, имајќи предвид дека светот многу бргу се менува и сите мора да се адаптираме на новото време.
Претседателот на Балканскиот институт за вера и култура Милков, посочил дека целта на програмата „Конекција Оксфорд“ е да ги поврзе релевантните македонски институции со оваа водечка високо-образовна институција. Од 2011 година до денес, преку оваа програма на македонските универзитети, како и во МАНУ над 100 професори, предавачи и докторанти од Оксфорд имаа можност да ги образложат своите тековни истражувања во повеќе области.
Претседателката, како професорка на најдобриот македонски универзитет, како што стои во соопштението, посочила дека жали што УКИМ опаѓа на универзитетската ранг листа на светот.
- Мора да ги поддржуваме најдобрите, да се бориме за младите и да ги задржиме дома, бидејќи само тие можат да ни помогнат вистински да бидеме дел од Европската Унија, посочила претседателката, потенцирајќи дека токму затоа е инспиративна посетата на претставниците од Универзитетот Оксфорд.
Таа ја истакнала својата заложба за зголемување на процентот за образование и наука, посочувајќи дека „образованието е канал преку којшто се пренесуваат идеите и идеалите од една генерација на друга. Затоа се вели дека училиштата и универзитетите се бедем на слободата и на независноста. Нашите современи херои треба да бидат учителите, наставниците и професорите“, додаде таа.
Инаку во моментов, во Обединетото Кралство вкупно 41 македонски државјанин го доусовршуваат своето образование на некој од престижните британски универзитети.
Годинава, „Конекција Оксфорд“ ќе се реализира од денеска до петок, 4 април.
Ново на Сител
-
Израел ги проширува воените операции и окупира делови од Газа
-
Келог: Конфликтот во Украина е на работ на примирје, но потребен е договор
-
Неврологот од Гостивар кој ја менува политичката сцена | Арбен Таравари | Sitel Podcast 087
-
Политико: Маск наскоро ќе се повлече од челното место во ДОГЕ, се враќа на бизнисот
-
Руте: Целосно сум убеден дека НАТО ќе продолжи да постои и САД ќе бидат дел од Алијансата
-
Благодарност од претседателката Сиљановска-Давкова до државите кои помогнаа по трагедијата во Кочани
-
Мостот на Вардар кај Башино Село повторно пуштен за сообраќај
-
Мицкоски и Филипче утре на средба во Владата