Средба Мицкоски - Таравари во текот на неделава
Средбата Мицкоски – Таравари ќе се случи во текот на неделава, потврдија од ВМРО-ДПМНЕ. На состанокот меѓу премиерот и министерот за здравство треба да се одлучи дали по напуштањето на Вреди и самостоен настап на локалните избори, Алијанса ќе треба да ја напушти и Владата. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ се уште прави и анализи за тоа кого би кандидирала на локалните избори, но и дали ќе има соработка со новата партија Вреди за нив.
Мицкоски и Таравари и денеска беа заедно на настан поврзан со автопатот Тетово – Гостивар каде и се ракуваа. Затоа пак, Таравари не си подаде рака со неговите досегашни партнери Меџити и Касами кои исто така беа на настанот. За разлика од тоа лидерот на Алијанса синоќа се поздрави со лидерот на ДУИ Ахмети на прослава во Слупчане. Ахмети вчера изјави дека со Таравари се уште не разговарал за конкретна соработка во одредени општини, но даде потврда дека изминатиот период имал средби со него и дека се радува што повеќе не дел од друштвото на Вреди.
Во меѓувреме, излегоа првите неофицијални имиња за можни каднидати за градоначалници од Вреди. Меѓу нив се споменуваат министерот за социјална политика Фатмир Лилани, кандидат за градоначланик во Кичево, Висар Ганиу останува во Чаир, а Касами во Тетово. Наводно, Меџити, Касами и Ибрахими ја направиле првичната селекција, а покрај имиња за Кичево, одредиле имиња и за Гостивар – професорот по економија Висар Адеми, Менди Ќира во Струга, Абдула Бајрамовски во Долнени, Блерим Сајдиу во Желено, Мухамед Елмази во Сарај...Се уште нема кандидати за Липково, Арачиново и Студеничани кои ќе бидат клучни и во битката со ДУИ на локално ниво.
Нема официјална потврда од Вреди за сите овие имиња, но министерот Лимени не исклучува дека од извршната можно е да замине во локалната власт.
„За моето (можно) кандидирање, бев јасен и во времето на кандидирање како независен, а тогаш пораката беше „излегувам за да дадам порака на ДУИ, и до сите дека заврши ерата на диктатот, а која му овозможува само на „царот“ да предлага. Поконкретно, сега сме во фаза на анализи, основање на нови структури (ограноци) и по две-три недели ќе имаме конечен став“, ни пиша Лимани за тоа дали влегува во градоначаланичката трка.
Од друга страна, собранискиот спикер Гаши не е загрижен за ваквиот распрет во албанскиот владин блок токму пред локални избори.
Локалните избори треба да се одржат во октомври годинава. Претседателот на Собранието, Африм Гаши најави распишување на изборите за крајот на јули, почеток на август.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар