30 семејства без вода во домовите во најтоплите денови од годината
Во најтоплите денови во годината 30-тина семејства во скопска Гази Баба немаат вода за пиење, ниту за бањање. Станува збор за четири згради на улица Маџари кои мака мачат на летните горештини.
Сител влезе во неколку домови. Ниту капка вода не протече низ чешмите. Жителите со туби вода и корита се снаоѓаат како знаат и умеат за да си ги извршат основните хигиенски потреби. Скопјани тврдат дека повеќепати се обратиле и до општината и до ЈП Водовод и канализација, но решение на проблемот со притисокот за вода не е најден уште од пролетта.
Недозволива е ваквата состојба вели првиот човек на Гази Баба за Сител, но надлежноста ја има претпријатието.
„Надлежноста за водоснабдувањето во Скопје ја има ЈП Водовод и Канализација и Градот Скопје.. Во услови на енормно високи температури, недозволива е ваквата состојба и реакцијата на граѓаните е оправдана. Апелирам до ЈП Водовод и Канализација за превземање и реализација на мерки и активности за наминување на ваквата состојба“.
Ги прашавме и во Водовод и канализација, зошто 30 семејства немаат вода. Оттаму ни одговорија дека внатрешната водоводна инсталација на зградите не била во надлежност на претпријатието, а за поголем притисок станарите сами да си вградат пумпи.
- Во врска со Вашите прашања, Ве информираме дека во текот на минатиот месец, по пријава на граѓаните, екипа на ЈП Водовод и канализација- Скопје, излезе на терен и изврши мерење на притисокот по должината на улица Маџари и констираше дека притисокот на уличната водоводна линија изнесува 2,2 bar, кој е својствен за овој дел од градот. Внатрешната водоводна инсталација на зградата не е во надлежност на ЈП Водовод и канализација- Скопје и доколку е потребно зголемување на притисокот на водата како можно решение е вградување на хидрофор (пумпа) после главна водомерна шахта, за што граѓаните беа известени на лице место, телефонски како и со мејл известување.
За секоја пријава стигната од корисниците секогаш стоиме на располагање и излегуваме на терен за решавање на проблемите што се во наша надлежност но во овој случај ЈП Водовод и канализација Скопје е надлежен да ги снабди граѓаните од горенаведената улица со вода за пиење преку водоснадителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата.
Улицата Маџари не е единствената со ваков проблем. Од општината велат дека секојдневно стигнуваат реакции од граѓани кои живеат во високите зони во Железара, Автокоманда.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар