Србија се збогува со загинатите во крвавите масакри
Втор ден на жалост во Србија и простување со жртвите од маскрите во основното училиште Рибникар во Белград и во селата во околина на Младеновац.
Редици граѓани се собраа да оддадат последна почит на учениците и чуварот од училиштето во Врачар, како и петте момчиња убиени во Мало Орашје кои се денеска погребани.
Во меѓувреме, лекарите работат на спасувањето на животите на повредените во двата напади. Врз повредените кај Младеновац се извршени хируршки интервенции и се под лекарски надзор. Две деца од нападот во Белград се уште се во критична состојба, а две момчиња се пуштени дома, а останатите со наставничката се под лекарски надзор.
И додека српската јавност се уште се преиспитува зошто се случиле масакрите и какви мерки да се преземат за да не се повтори, на интернет меѓу младата популација дел од реакциите се скандалозни. На информативен разговор е приведено девојче кое на Тикток ги исмева убиствата и го велича извршителот. Полицијата најави дека ќе поднесе пријави против родителите бидејки се работи за малолетно лице.
И во Нови Сад се приведени три момчиња од 15 и 16 години кои со слики од оружје на социјалните мрежи се заканувале дека ќе извршат напади по училиштата. На интернет се појавија низа слики, но и снимки поврзани со масакрот, меѓу кои и лажно видео од пукањето во училницата.
Српското МВР соопшти дека интензивно работи на идентификација на лицето кое објави лажно видео од масакрот во белградското училиште и дека ќе ги санкционира сите вакви објави.
-
Сања Сеизова Мрмова
Сите содржини од овој новинар
