Македонија
16. May 2023 - 12:40

Спасовски: Од денеска Уверение за државјанство и во електронска форма

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информираше дека граѓаните на Република Северна Македонија можат да добијат уверение за државјанство во електронска форма на е-маил адреса и мобилен телефон.

„За таа цел, како МВР донесовме Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на водење евиденција за државјаните на Република Северна Македонија и за обрасците што се применуваат односно издаваат. Притоа, работни тимови од Одделот за информатика и телекомуникации и Одделот за граѓански работи во соработка со МИОА, овозможија преку Националниот портал за електронски услуги, барањето да се реализира преку емаил адреса или паметен телефон”, рече Спасовски.

Министерот Спасовски ја објасни постапката за поднесување барање за уверение за државјанство во електронска форма.

„Барањето се поднесува во лично име и за свое малолетно дете, а услугата е достапна на веб сајтот  www.uslugi,gov.mk, лични документи и исправи, државјанство. Барање може да поднесе лице кое има државјанство на Република Северна Македонија и е регистрирано на порталот за е-услуги, преку Системот за единствена најава (СЕН), односно Националниот портал за електронски услуги, согласно прописите од областа на електронското управување и електронски услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливи услуги”, рече Спасовски, додавајќи дека досегашниот начин на издавање на уверение за државјанство во хартиена форма ќе продолжи да се издава на досегашниот начин (лично или со полномошно на шалтерите во управните служби на Министерството за внатрешни работи) независно каде лицето има пријавено живеалиште.

Како што беше соопштено, цената за уверение за државјанство во електронска форма изнесува 150 денари (100 денари административна такса и 50 денари за образец) и истата може да се плати електронски во моментот на поднесување на барање за Уверението за државјанство во електронска форма.