Македонија
15. December 2015 - 15:36

Спасовски-Мектиќ:Сорабока за справување со тероризмот и сите предизвици и ризици

Скопје, 15 декември 2015 (МИА) - Предизвиците и ризиците со кои се соочуваат Република Македонија, Босна и Херцеговина и регионот, соработката  за справување со тероризмот, начините за справување со мигрантско-бегалската криза, како и можностите за продлабочување на досегашната добра билатерална соработка, биле главните теми на кои разговарале денеска во Скопје министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и босанскиот министер за безбедност Драган Мектиќ. 

На средбата била покрената иницијатива за подлабока регионална соработка во насока на борбата против тероризмот и криумчарење оружје, со очекување дека со заемна соработка на државите од регионот ќе се обезбеди поголема стабилност и безбедност на граѓаните.

Како што најави на прес-конференцијата по средбата министерот Спасовски, договорено е во најскоро време да бидат потпишани и два договора и тоа за заемно признавање на возачките дозволи и за влез на државјаните во двете држави со лични карти.

Прашан како двајцата министри ја оцениле безбедносната  состојба во регионот по најавите од ИД за терористички напади, Спасовски нагласи дека се преземаат сите потребни мерки кои ќе значат стабилност на Република Македонија.

- Ситуацијата е стабилна во моментот. Граѓаните нема од што да бидат вознемирени. Сепак, таа опасност постои и затоа денеска се договоривме да направиме сериозна регионална инцијатива која ќе ги намали овие ризици, изјави министерот Спасовски.

Неговиот босански колега министерот Мектиќ дополни дека двете земји имаат традиционално добри односи, но одредени безбедносни прашања, пред се кога е во прашање трероризмот и криумчарењето оружје за воени намени, се се посложени и покомплексни и мораме, нагласи, да бараме нови дополнителни исчекорувања за зајакнување на соработката и довербата и создавање  можности за побрза и подобра размена на информации. 

Спасовски и Мектиќ заеднички констатирале дека борбата против тероризмот не може да биде успешна ако се затвораме во националните граници. Тие посочија дека е проблелем, што не постои доволно висок степен на таква соработка меѓу државите, а кога се во прашање и радикалните движења и терористите, тие соработуваат многу добро без какви било бариери, кои досега нас не оптеретуваат.

На новинарско прашање за состојбата на јужната граница, министерот Спасовски одговори дека  состојбата денеска и во претходните денови во однос на мигрантите е стабилна без тензии.