Свет
6. March 2020 - 13:17

Состојба со Ковид-19 во светот до 13 часот

Бројот на заразени со новиот коронавирус според последните податоци изнесува 100.242 луѓе во целиот свет.

Досега од последици од вирусот починале 3.408 лица, а излекувани се 55.986 луѓе.

– На крузер на Нил се откриени 12 лица заразени со новиот коронавирус.

– Повеќе од 700 луѓе се во карантин во Санкт Петербург, меѓу кои има и голем број студенти, кои можеби биле во контакт со италијански студент кој во вторникот беше дијагностициран со Ковид-19.

Во Русија досега се регистрирани седум случаи на заразени со новиот коронавирус.

– Во последните 24 часа во Белгија се регистрирани уште 59 заразени со Ковид-19 со што вкупниот број на носители на заразата во земјата достигна 108 лица.

– Германија информира за 134 нови потврдени случаи на новиот коронавирус, со што вкупниот број достигна 534.

– Иранските власти предупредуваат дека можеби ќе треба да употребат сила за да го ограничат патувањето меѓу градовите.

Во земјата во последните 24 часа се регистрирани 1.234 нови случаи. Вкупно има 4.747 заразени.

– Цените на акциите паѓаат низ целиот свет, затоа што инвеститорите повторно се плашат од влијанието на вирусот врз глобалната економија.

– Илјадници патници и членови на екипаж се наоѓаат на крузерот „Гранд принцес“ на брегот на Калифорнија и чекаат резултати од тестови за новиот коронавирус откако беше откриено дека првиот човек што почина во Калифорнија бил на тој брод.

– Во Камерун е пријавен првиот случај на коронавирусот. Се работи за Французин кој има 58 години. Тој е во изолација во болница.

– Потврдена е првата смрт од Ковид-19 во Холандија. Станува збор за 86-годишен маж кој почина денеска.

– Повеќе од 60 вработени во Универзитетската болница во Корк во Велика Британија се во изолација откако коронавирусот се проширил низ болницата.

– Здравствените работници во Ирска се обидуваат да дојдат до десетина луѓе кои можеби биле изложени на вирусот откако бројот на заразени се удвои за 24 часа.

– Еден 43-годишен маж од Суботица е првиот пациент во Србија кај кого е докажано присуство на новиот коронавирус.

– Ватикан го пријави првиот случај на новиот коронавирус, а заразен е член на медицинскиот персонал.

– Тајланд пријави уште еден случај на зараза, со што вкупниот број на инфицирани достигна 48.

– Градот Витлеем е под карантин откако е утврдено дека седум лица се заразени со новиот коронавирус.

– „Старбакс“ во Северна Америка, поради коронавирусот, привремено престана да произведува чаши кои можат да се користат неколку пати.

– Јужна Кореја потврди уште 309 случаи, со што вкупниот број на болни во земјата се зголеми на 6.593.

– Еден учител во Италија е позитивен на коронавирусот по што 112 ученици се ставени во домашна изолација.