Состанокот на Мешовитата историско-образовна комисија заврши без резултат
Предлог-препораките за македонските учебници за VII одделение, како и за евентуални заеднички чествувања биле тема на разговор на 36. средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања што се одржа вчера и денеска во Скопје.
-Во врска со предлог-препораките повторно до израз дојдоа различните погледи и сфаќања. Што се однесува до евентуалните заеднички чествувања се разговараше принципилно, а не по конкретни предлози, соопшти македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
Без оглед на различните пристапи и мислења, македонскиот тим од Комисијата, како што нагласуваат оттаму, настојува на проактивен курс, притоа залагајќи се за изнаоѓање конструктивни и одржливи решенија, базирани на позитивните европски практики, со заемно почитување на правото на различна перцепција кон минатото.
На средбата бил потпишан Записникот од 29. средба од февруари 2024 година и беше утврдена динамика за работа во второто полугодие.
Вчера кога беше најавен состанокот на Комсијата, како тема на разговор освен учебниците за седмо одделение во земјава, беше посочена и можноста за заедничко чествување на Гоце Делчев.
-Ќе разговараме за учебниците за VII одделение во Република Северна Македонија и за можноста за заедничко чествување на Гоце Делчев, изјави вчера претседателот на бугарскиот тим од Комисијата, Ангел Димитров.
Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември 2024 година. Претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски.
Претседателот Ванчо Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но, ја напушти во 2021 година. Одлуката да се повлече од Комисијата, како што изјави тогаш, е бидејќи се соочил со политички притисоци во нејзината работа.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.
Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски личности – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.
Ново на Сител
-
Иран започна петти бран воздушни напади врз Израел, најави удари и на американските бази на Блискиот Исток
-
Уште една држава се придружи во БРИКС - Виетнам стана „земја партнер“
-
Го следеле, нападнале и му одзеле илјадници денари- Двајца осомничени за разбојништво
-
Сиљановска-Давкова прими американски и македонски професори кои соработуваат во областа на археологијата
-
Расте јазот меѓу богатите и сиромашните во Европа: Шведска е најнеправедна според распределбата на богатството
-
Иран и Израел продолжуваат со меѓусебните напади, нема знаци за деескалација
-
Гутереш повика на итна деескалација на тензиите меѓу Израел и Иран
-
Пронајден исчезнатиот Владимир од Штип