Македонија
18. November 2018 - 8:39

Собраниска делегација на конференција на КОСАК во Виена

Собраниска делегација на Комисијата за европски прашања од денеска до вторник ќе учествува на конференција на претседатели на комисиите за европски прашања на земјите членки на Европската унија (КОСАК) што ќе се одржува во Виена.

Во составот на собраниската делегација, како што соопшти прес-службата на македонското Собрание, се Шпреса Хадри, Лидија Тасевска и Владанка Авировиќ.

На конференцијата се очекува да се разговара за реализацијата на приоритетите на австриското претседателство со Советот на Европската унија, а најавени се воведни обраќања на претседателот на Австрискиот национален совет Волфганг Соботка и претседателот на австрискиот Федерален совет Инге Пош-Грушка.

Теми на разговор, како што велат од македонското Собрание, ќе бидат и Брегзит, климатските политики, како и потребата за поголема транспаретност на Европската унија и нејзино приближување кон граѓаните во пресрет на престојните избори за Европскиот парламент.