СДСМ: Владата ги зголемува непродуктивните трошоци - Мицкоски: Сите капитални инвестиции ќе се завршат
Наместо за поголеми плати на работниците, повисок животен стандард на граѓаните, образование, здравство, раст и развој на економијата власта ги зголемува трошоците за службени возила и луксуз за 75%, обвинува опозициската СДСМ. За нив буџетот за кој се расправа во моментов во парламентот предвидува зголемување и на непродуктивните трошоци, а се крати на капитални инвестиции.
Првиот предлог Буџет на владата на Мицкоски е најрасипнички во историјата на Македонија. Парите за купување мебел власта на Мицкоски ги зголеми за 5 пати. Со Буџетот Владата на Мицкоски предвидува зголемување и на непродуктивните трошоци за стоки и услуги а во истиот момент ги кратат капиталните расходи во клучни сектори како образование и здравство. Со вакви политики, Владата само ќе ја задолжува државата, ќе товари нови вработувања во администрацијата, ќе го зголемува долгот, ќе си троши на стоки и услуги, а за граѓаните ќе нема ништо.
Наспроти ваквите тврдења, од владејачката партија велат дека Предлог буџетот е насочен кон подобрување на условите за учење, студирање и живот на младите. Предвидени се 3 милијарди денари повеќе во Буџетот за образование. Ќе се вложува и во изградба на студентски ддомови, предвидени повисоки плати со мартовската исплата.
И за премиерот Мицкоски обвинувањата на опозицијата се неточни, независно која и влада да ги започнала капиталните инвестиции мора да се завршат.
Покрај исплата на заостанатите субвенции, Мицкоски најавува и засилени инспекции во секторот земјоделие, отворање на истраги за како што вели незаконска прераспределба на земјоделското земјиште...Според него, државното земјоделско земјиште ќе заврши само во раце на земјоделците.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар