Собранието расправаше за избор на членови во комисии и регулаторни тела, опозицијата обвинува за партизација
Пратениците денеска на продолжението на 135. пленарна седница расправаа за именувања на членови во неколку комисии и регулаторни тела и завршија со општиот претрес по нив, но како што најави потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, за нив ќе се гласа дополнително.
Заокружена беше расправата по Предлог одлуката за избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација, а пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со предложениот состав на кандидатите Драгана Дрндаревска, Флора Кадриу, Душан Томиќ и Зекир Абдулов, се партизира Комисијата. Власта, како што рекоа, не дозволила да влезат најдобрите кандидати. Апелираа до кандидатите кои не ја поминаа претходната селекција, а од кои како што оценија имало многу квалитетни кадри, да поднесат претставка и да го оспорат конкурсот.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека владиното мнозинство на ДУИ и СДСМ, предлага партиски кандидати, а конкретни забелешки наведе за кандидатот Зекир Абдулов.
-Абдулов е член на Советот на Општина Делчево од редовите на СДС; и се стекнал со 240 ЕКТС кредити најверојатно во јули 2023 година, односно шест месеци отсега, а самиот услов е да има седум години работно искуство од дипломирањето во сферата во која се пријавува. Ги партизирате сите инстанци и велите дека ВМРО-ДПМНЕ обвинува неосновано. Бираме член на Комисија која дискриминира со самото тоа што се става човек што е политички профилирана личност, рече Мицевски.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и за партизација и неисполнување на основните критериуми и за предложените членови на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).
Ане Лешкоска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека за кандидатот Владимир Станивуковиќ треба да се каже дали е актуелен претседател на Општинската организација на СДСМ во Општина Карпош. Наведе и дека „се стекнал со бараните 300 ЕКТС кредити во 2022 година иако е потребно соодветно работно искуство од пет години со образованието за местото за кое е кандидиран.
-Знам дека е партиска одлука и меѓукоалициски договор, но барем да ги исполнуваат условите. Во СДСМ има квалитетни луѓе што ги исполнуваат условите. До ова „дереџе“ сте дојдени затоа што не им давате можност на квалитетните, рече Лешкоска, оценувајќи дека со ова се покажува негрижата на Владата при поставување кадри, а како пример ги посочи и актуелните случувања во М-НАВ.
Покрај Владимир Станивуковиќ, дипломиран менаџер по бизнис логистика, за член на АЕК е предложен и Ервин Реџепагиќ, дипломиран инжинер по електроника – информациски технологии.
Сопартиецот на Лешкоска, Бојан Стојановски, пак упати апел до предложените кандидати да не ги прифаќаат именувањата бидејќи, „власта ги ставала во проблем затоа што ќе одговарале поради ангажман со неисполнување услови“.
-ВМРО-ДПМНЕ ќе ги „растресе“ институциите каде се именувани несоодветни кадри. Нека не ве местат, ќе бидете повикани на одговорност, рече Стојановски.
Неговиот сопартиец Здраво Трајанов, пак, во расправата за Предлог oдлуката за избор на членови на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, рече дека власта предложила дополнувања на Законот за оваа Комисија. Целта на законските дополнувања, според Трајанов, е оваа Комисија во иднина да биде „браник“ за одлуките од инспекторите за работата на актуелните функционери. - Власта сака да има контрола на инспекторите, рече Трајанов.
На седницата беше заокружена и расправата за предлогот член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување повторно да биде именуван Ментор Јакупи, кому му се продолжува ангажманот во таа институција, а Борче Груевски член на Комисијата на Агенцијата за пошти.
Заврши општата расправа и по Предлог одлуката за избор на здружение од областа на човековите права, полициското право и правосудството за механизмот за граѓанска контрола во состав на Народниот правобранител.
За сите предложени одлуки ќе се гласа дополнитено, исто како и за Предлог законот за воздухопловство, во второ читање, Предлог законот за изменување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, по скратена постапка и за Предлог законот за вработените во Министерството за одбрана, во прво читање. За сите три предложени закони немаше дополнителна дебата.
Откако беше констатирано дека е неприфатливо Барањето за давање автентично толкување на член 13 од Законот за пожарникарство, поднесено од градоначалникот на Општина Гевгелија, со заклучок за тоа да биде информиран подносителот, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата и најави дека пратениците ќе бидат дополнително информирани за нејзино продолжување.
На дневен ред на седницата, меѓу неразгледаните точки од дневен ред, се и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за буџети, по скратена постапка, Предлог законот за помилување, во прво читање, Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2023 година.
Ново на Сител
-
Перински ги почна консултациите за измените на законот за локална самоуправа
-
Штипски „Исар“ ќе ги намалува загубите на вода со инсталација на СКАДА системот
-
5 жртви на подрачјето на СВР Охрид
-
Преглед на вестите од светот
-
Тема на денот со Панче Тошковски, министер за внатрешни работи
-
75 години Танец
-
Средби и стратегија за пласман пред, а не за време на сезоната бараат земјоделците
-
Водата во Скопје по санацијата е безбедна за користење покажаа испитувањата