Македонија
1. јуни 2022 - 14:29

Собранието расправаше по дневниот ред на 54. седница, по редовната пауза ќе продолжи со 39. седница

Собранието во рамките на денешната работа по дневниот ред на 54-тата седница ја продолжи расправата за Предлог законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост. Собранието, по редовната пладневна пауза ќе продолжи со работа по дневниот ред на 39-тата седница.

Претходно во расправата пратеничката Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со предложеното законско решение ЕСМ ќе се задолжи со заем во износ до 25 милиони евра за транзиција кон соларни фотоволтаици.

-Износот на вкупната инвестиција за фотоволтаиците во Осломеј и Битола со инсталиран капацитет од 30 мегавати се предвидува да чини 25 милиони евра или по 833 илјади евра за мегават, а чини меѓу 600 и 650 илјади евра и има разлика од 5,5 милиони евра кои ќе одат во џебовите на некого, рече Лозановска и додаде дека во иднина ќе видиме дали воопшто ќе се реализираат двата проекта или ќе пропаднат како другите најавени проекти за модернизација од ЕСМ.

Посочи дека изградбата на фотоволтаиците е долготраен процес и праша дали во меѓувреме ќе се увезува скапа електрична енергија.

Во реплика Маја Морачанин од ДОМ рече дека се надева оти ќе биде поддржано ова законско решение во овие услови кога, како што рече, не е во прашање само екологијата, туку дали воопшто ќе има доволно струја во услови на енергетска криза. Таа истакна дека задолжувањето не е 25, туку 20 милиони евра, бидејќи 5 милиони евра се грант од ЕБОР.

Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека транзиција кон соларни фотоволтаици ќе значи заштита на животната средина, но и отпуштање од работа на 1.000 луѓе од РЕК Осломеј и уште 3.000 во РЕК Битола заради автоматизираноста на ваквиот начин на производство на струја.

-Овие чекори се задоцнети за да може да се наречат енергетска транзиција, рече Петкоска и додаде дека ЕСМ нема да може да ги сервисира обврските од заемот и тој ќе падне на грбот на граѓаните и државата.

Во реплика Ненад Коциќ од СДСМ порача дека енергетската транзиција се врши за поквалитетно производство на еколошка енергија и зголемено производство, а не за бркање работници.

Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакна дека ЕБОР го условува давањето на овој заем со државна гаранција и додаде дека за изградбата на двата капацитета, првиот од 10 мегавати во Осломеј и вториот од 20 мегавати во Битола се потребни 19 до 19,5 милиони евра, а не 25 милиони евра.

-Овој проект не е проект на транзиција, туку е само прв чекор на транзиција и нема да придонесе кон нови вработувања. Напротив со соларните фотоволтаици не се предвидува ист број вработени како што има сега, рече Стојаноска.

Бајрам Кадрија од ДУИ во реплика рече дека требало да се размислува за задржување на бројот на вработени во ЕСМ во минатото кога масовно се вработувале партиски кадри и додаде дека најмалку 10 поранешни пратеници сега работат во компанијата.