Македонија
7. October 2015 - 20:17

Собранието не ги поддржа измените на законите за основно и за средно образование

Парламентарното мнозинство ги оцени како неприфатливи предлог-законите за изменување на законите за основното и за средното образование, поднесени од група пратеници од опозициската СДСМ, со кои бараа укинување на екстерното тестирање.

На денешното продолжение на 67.седница на Собранието опозициските пратеници истакнаа дека со неколкугодишното  спроведување на  екстерното тестирање наместо да се подобри квалитетот на образованието, состојбите се влошиле. 

- Со ваквиот систем во суштина целосно се доведува во прашање судбината на децата бидејќи со погрешни одговори на само две прашања добиваат пониска оценка, а тоа за некого може да значи неможност за запишување на факултет, рече Петре Шилегов од СДСМ.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакнаа дека екстерното е дел од реформите кои се спроведуваат за подобрување на квалитетот на образованието. 

Пратеникот Зоран Илиески, во реплика на Шилегов, рече дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека екстерното е добар метод, кој треба да се унапреди и оти се отворени за секакви предлоги за подобрување на процедурата при оценувањето.

- Овој метод постои и во многу други држави и треба да направиме напори сите заедно да се потрудиме образованието да го доведеме на многу повисоко ниво, рече Илиески.

Парламентарното мнозинство го оцени како неприфатлив и предлогот на пратениците од СДСМ за изменување на Законот за наставници во основните и средните училишта, во прво читање, со кој се бараше бришење на одредбите кои се однесуваат на екстерното оценување. 

На предлог на опозицијата во Собранието доцна попладне почна расправа за Предлог законот за изменување на Законот за минимална плата,  во прво читање. Со него опозициските пратеници предлагаат да се утврди висина на минималната плата во нето износ од 11.000 денари, како и основање фонд за поддршка на стандардот на живот за вработените.

Соња Мираковска  од НСДП  оцени дека сегашниот закон  не е реален и не ги покрива потребите на најзагрозените категории граѓани.

Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Муковски, законот е неиздржан, а сумата од 11.000 денари е слична на тоа што е предвидено за минималната плата во 2016 година.

Продолжение на 67. седница претседателот на Собранието Трајко Вељановски закажа за утре со почеток во 11 часот.