Бизнис
27. November 2015 - 14:54

Со средства од ЕБОР повеќе работни места и поголема конкуреност во МСП

Со 20 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 74 мали и средни претпријатија во Македонија ја подобрија својата конкурентност, ги зголемија приходите и бројот на работните места.

Програмата која се спроведуваше во изминатите пет години денеска беше затворена со доделување благодарници на учесниците, банки и мали и средни претпријатија.

- Македонија е една од најуспешните во спроведувањето на оваа програма. За пет години реализиравме 20 милиони евра заеми во 74 компании каде поддржавме 83 проекти, рече претставничката на ЕБОР за Македонија Анка Јоана Јонеску.

Таа изрази благодарност до ЕУ за дополнителната помош кон оваа програма и рече дека ваквиот начин на финансирање на малите и средните претпријатија е најефикасен.

Мартин Клауке од Делегацијата на ЕУ во Скопје истакна дека локалните мали и средни претпријатија, иако земјата има солидно развиен и ликвиден банкарски систем, не се доволно услужени од локалните финансиски институции. ЕУ, додаде, креираше повеќе програми за олеснување на пристапот до финансирање како одговор на пазарните прилики кои го ограничуваат растот на малите и средните претпријатија.

Тој појасни дека интервенцијата од ЕУ обезбеди додадена вредност со дополнување на финансиските ресурси достапни на национално ниво и мобилизирање на дополнителни финансиски средства.

Ромела Поповиќ Трајкова од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања истакна дека од доделените средства неповратна помош се 37 милиони евра и дека особено важен придонес на оваа програма е тоа што во претпријатијата кои беа поддржани покажаа поголеми приходи, зголемен извоз, како и поголема конкурентност.

Истакнувајќи дека развојот на малите и средните претпријатија се во фокусот на Владата на Република Македонија рече дека оваа програма е во линија на политиките на Владата. 

Напомена повеќе мерки за поддршка на малите и средните претпријатија меѓу кои програмите што се спроведуваат со ЕУ, формираниот Фонд за иновации, кредитната линија од ЕИБ преку Македонската банка за поддршка на развојот и други.

Програмата започна да се реализира во април 2010 година и, како што рече проект менаџерот Герхард Шумахер, таа го зголеми бројот на вработени во поддржаните претпријатија за 14 проценти, а обртот на средства за 13 проценти.

За петгодишниот период се контактирани 800 компании, подготвени се 98 инвестициски проекти, но се поддржани 83. Најголемиот дел се компании од прехранбената индустрија, преработувачката, кои главно преработуваат хартија, метал, пластика и стакло.

Целта е зајакнување на конкурентноста на компаниите. Кредитните линии пласирани преку локалните банки беа давани на малите и средните претпријатија за промовирање на производните стандарди и директивите на ЕУ во областа на заштита на животната средина, грижа за здравјето и безбедноста на работното место, како и квалитет на производи.

Средствата се пласираа преку Охридска банка, Халк банк, Шпаркасе и Тутунска банка. Меѓу компаниите кои учествуваа во програмата се Усјепор, Фротирка, Завар, Хелга и други.

ЕБОР започна да инвестира во македонската економија во 1993 година и досега има потпишано над 90 проекти со нето кумулативен износ од над 1,5 милијарда евра.