Македонија
26. April 2023 - 12:19

Со изградба на спортско рекреативна патека на брегот на реката Струмица ќе се зголемува туристичката понуда

После збогатените и обновени содржини на Колешинските водопади и Мокринските извори во општина Ново Село, започна изградбата и на спортско рекреативна трим патека во општина Босилово. Патеката долга 1050 метри се гради на брегот од река Струмица и е дел од проектот „Туризмот иднината на регионот“ со кој се опфатени шест општини. Целта е преку овие нови содржини да се подобри понудата за туристите во Југоисточниот дел од државата.

Градоначалникот на општина Босилово очекува дека изградбата на патеката која се наоѓа во непосредна близина на Моноспитовското блато ќе придонесе за зголемување на бројот на посетители и развој на еко руралниот туризам во микро регионот.

Проектот „Туризмот иднината на регионот“ опфаќа поставување на урбана опрема и инфраструктурни активности во општините  Босилово, Валандово, Василево, Дојран, Ново Село и Радовиш, а се реализира преку центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Намерата е преку повеќе различни активности да се даде поддршка на различни видови туризам во регионот и тоа рурален, езерски, културен, планински и верски.