Свет
26. July 2020 - 8:27

Смртоносната тајна на невидливата кинеска армада

„Чамци на духови“ со месеци пловат во Јапонското Море, некои со трупови на гладни рибари од Северна Кореја. Минатата година повеќе од 150 вакви пловила стигнаа до брегот на Јапонија, а повеќе од 500 во последните пет години, пишува американскиот веб-сајт за вести NBC.

Со години, овој застрашувачки феномен ја мачи јапонската полиција, чија најдобра претпоставка беше дека климатските промени „бркаат“ лигњи од брегот на Северна Кореја, а очајните рибари таму одат подалеку кон отворено море, од каде не можат да се вратат и умираат од исцрпеност, дехидрираност и сонце.

Но, истрагата на ТВ каналот NBC News, врз основа на нови податоци од сателит, откри објаснување за кое експертите велат дека е поверојатно: Кина има армада на бродови за индустриски риболов – „невидлива“ за обичните методи на набудување од копнените власти, која лови нелегално во водите на Северна Кореја, растерувајќи  помали бродови и чамци од Северна Кореја од таму и предизвикувајќи намалување на некогаш големите јата лигњи за повеќе од 70 проценти.

Кинеските бродови – скоро 800 за време на 2019 година – се чини дека ги кршат санкциите на ОН со кои се забранува странски риболов во водите на Северна Кореја. Тие санкции, воведени во 2017 година како одговор на нуклеарните тестови на Северна Кореја, беа насочени кон тоа да бидат казнети со тоа што нема да дозволат да продаваат права за риболов во нејзините води во замена за странската валута што и недостасува.

„Ова е најголемиот познат случај на нелегален риболов од страна на индустриска флота во водите на друга земја“, рече Дејон Парк, експерт за обработка на податоци во Global Fishing Watch со седиште во Вашингтон, глобална непрофитна група за зачувување океани, ко-основана од Гугл. Групата е специјализирана за употреба на вештачка интелигенција и сателити, кои заедно со меѓународен тим академски истражувачи ја откриле кинеската флота, претходно „невидлива“ за странските власти.

Кина е член на Советот за безбедност на ОН, која едногласно ги потпиша санкциите за Северна Кореја, но нејзината армада за риболов, со која се крши таа забрана, сочинува скоро третина од целата кинеска рибарска флота на отворено море, велат од Global Fishing Watch.

Кинеското Министерство за надворешни работи одговори на прашањето дека „Кина доследно и совесно спроведува резолуции на Советот за безбедност, поврзани со Северна Кореја“ и дека „доследно казнува“ нелегален риболов, но не го признава потеклото на испраќање на своите рибарски чамци кон севернокорејските води.

Во март, двете земји анонимно се пожалија пред ОН дека Кина ги крши санкциите и обезбедила докази, вклучувајќи сателитски слики на кинески бродови кои ловеле во водите на Северна Кореја и сведоштво на кинеска риболов екипаж, кои ја предупредиле нивната влада дека се испратени во странски, севернокорејски води.

Областите за риболов во Јапонското Море, наречено Источно Море во Кореја, се наоѓаат меѓу двете Кореи, Јапонија и Русија и се меѓу најспорните и најмалку контролираните мориња во светот. Досега огромното присуство на кинески бродови во тоа подрачје е во голема мерка скриено, бидејќи нивните капетани рутински ги исклучуваат своите „транспондери“, кои автоматски ја известуваат нивната позиција, што ги прави невидливи за копнените власти. Во повеќето земји, оваа постапка е нелегална.

Сепак, Global Fishing Watch и неговите партнери беа во можност да ги документираат движењата на кинеските бродови, користејќи неколку типа сателитска технологија, вклучително и оној што регистрира светла ноќе.

Многу бродови за лов на лигњи користат екстремно силни светла за да го привлечат пленот поблизу до површината на морето за да го олеснат риболов. Кинезите, покрај светлото рамно на осветлување на фудбалски стадиони, користат и таканаречени „влечни парови бродови“ кои пловат паралелно, на растојание, со мрежа меѓу нив што го „чешла“ морето, фаќајќи се што лебди, а сега се снимени од сателитите.

Поради ваквиот риболов, рибарите од Северна Кореја последниве години мораа да пловат понатаму и понатаму на отворено море и исчезнуваат во таков број што некои крајбрежни места долж источниот брег на Северна Кореја се нарекуваат  „села на вдовици“.

Бидејќи повеќе од 50 тела на Севернокорејци со чамци се донесени на јапонскиот брег во изминатите две години, вели јапонската крајбрежна стража, и овие застрашувачки сцени прават тензии со Северна Кореја и предизвикаа параноја во Јапонија: некои шпекулираат дека „чамци со духови“ превезуваат шпиони, крадци или дури и „луѓе-оружје“ – лица со сериозна заразна болест кои намерно се испраќаат во Јапонија, пренесува NBC.

Сепак, објаснувањето е дека овие Севернокорејци се всушност само слабо опремени сиромашни риболовци кои очајно ги ризикувале своите животи пловејќи премногу далеку, изјави Јунг-Сем Ли, научник од Корејскиот поморски институт и еден од авторите на истражувањето.

Откако тајфуните ги „претепале“ или оштетиле моторот,  чамците  со мртви рибари биле донесени на западниот брег на Јапонија од струјата на Цушима.

Овие дрвени чамци, по неколку месеци  на море обраснати со школки и алги, се долги пет до седум метри и обично носат пет до 10 рибари кои имаат само канистер со вода за пиење, мрежи за риболов и прибор,според извештаите од јапонската крајбрежна стража.

Сите остатоци од телата пронајдени на „чамците на духови“ се машки, а некои се распаднати толку многу што јапонските иследници не можат да ги раздвојат и да ги анализираат, а за истрагата нема соработка од страна на Северна Кореја.

Во 2004 година, Кина потпиша мултимилионски договор за лиценца за риболов со Северна Кореја, што доведе до драстично зголемување на бројот на кинески чамци во водите на Северна Кореја. Но, меѓународните санкции воведени во 2017 година како одговор на ракетните лансирања на Северна Кореја и нуклеарните тестови требаше да го лишат од клучните извори на приход што беа потребни за да се стори тоа со забрана на риболов за странци.

Кина, иако долгогодишен добротвор на Северна Кореја, ги потпиша овие санкции само под притисок на САД, а кинескиот министер за трговија објави заложба на неговата влада да ги спроведе.

Од друга страна, храната од морето, како и лигњите, е шеста по големина како извозен производ во Северна Кореја, а нејзиниот шеф Ким Џонг Ун бара да се лови се повеќе.

Среде санкциите на ОН и со намалувањето на девизните резерви, севернокорејската влада се обиде да ја зајакне својата риболовна индустрија со тоа што обични војници ги претвори во рибари, испраќајќи ги, иако слабо обучени, во турбулентни води.

Санкциите исто така го зголемија недостигот на бензин во Северна Кореја, а јапонските иследници велат дека моторите на некои корејски „чамци на духови“ донесени од морето, претежно сите имаат само 12 коњски сили, и едноставно останале без гориво.

Од 2013 година, најмалку 50 лица се спасени од тие дотраени чамци, но во разговорите со јапонската полиција, ретко кажуваа повеќе од тоа што се изгубиле на море и дека сакаат да одат дома во Северна Кореја.

Обдукциите на пронајдени тела на рибари обично покажуваат дека починале од глад, хипотермија или дехидрација.

Во 2017 година, јапонската крајбрежна стража објави дека одзела повеќе од 2.000 рибарски чамци од Северна Кореја кои нелегално вршеле риболов во јапонските води.

Додека низ целиот свет, многу видови риби и други морски суштества исчезнуваат со невидена стапка како резултат на климатските промени, премногу лов и незаконски индустриски риболов, а залихите опаѓаат, расте конкуренцијата и се зголемуваат конфликтите меѓу земјите кои живеат од риболов.

Кина зеде дури 15 проценти од вкупниот светски улов на риби во 2018 година, вели Американската агенција за риболов. Многу видови риби што се најблизу до кинескиот брег исчезнаа поради преголем риболов и индустријализација на риболов, поради што кинеската влада силно ги субвенционира своите рибари да пловат низ светот во потрага по риболов на било што.

Кинеската рибарска флота во последниве години фати 50 до 70 проценти од светскиот улов на лигњи на отворено море, според кинеската влада. Овие бродови честопати вршат риболов нелегално во водите на другите земји, се вели во анализата на поморската истражувачка компанија „C4ADS“. Според вториот индекс објавен минатата година од експерти за риболов и глобален криминал, Кина има најлош рејтинг на светот за нелегално, непријавено и нерегулирано риболов.

Кинеските рибарски чамци се познати по агресивни, обично вооружени екипажи кои не се срамат од намерни судири за оштетување или потонување други риболов или странски патролни чамци, велат официјални лица од американската морнарица и специјалисти за поморска безбедност.

„Кога ќе дојдат, тие ја преземаат власта“, вели Ким Бијонг Су, гувернер на јужнокорејскиот остров Улеунг, во Источното Море. Тој вели дека кинеските бродови за лов на лигњи ги уништиле двата главни извори на живот на неговиот мал остров: туризам и риболов.

Непријателството на островјаните кон кинеската флота се влошува, рече гувернерот, особено кога доаѓа лошото време и кога во пристаништето доаѓа армада од  200 кинески бродови за лов на лигњи за да се засолни од невреме.

Гувернерот рече, пишува Ен-Би-Си на крајот, дека тој е немоќен да им рече да си заминат, а тие се однесуваат насилно, менувајќи го маслото во моторите со тоа што го фрлаа во морето, и додека тие заминуваат влечејќи сидра, уништуваат водоводни цевки, рече тој и го праша „надворешниот свет дознајте што се случува овде “.

Ново на Сител