Македонија
6. May 2021 - 8:21

Скопје се надева на решение со Софија и со привремената Влада

Иако Бугарија е ја очекуваат предвремени парламентарни избори на 11 јули, властите во земјава сепак се надеваат дека може да се најде решение за разликите и со привремената Влада во Софија со што ќе се отвори пат за старт на преговорите за членство во ЕУ, но во исто време очекуваат и Унијата да упати порака дека европската перспектива е јасна, предвидлива и остварлива и дека е сериозна кога зборува за проширувањето.

Премиерот Зоран Заев вчера порача дека очекува во техничката Влада на Бугарија да се најдат одговорни политичари со кои ќе можеме да седнеме и да изнајадеме решение.

– Проблемот е нерационален и мора да најдеме решение. Во интерес и на Бугарија е Македонија да биде членка на Европската Унија и да се интегрира во меѓународните организации. Тоа е во интерес и на бугарскиот народ, не само на македонскиот. И од тој апсект верувам дека ќе го изнајдеме решението, нагласи Заев.

Тој сепак потенцира дека ЕУ не ни треба „по цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, затоа што тогаш ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот“.

– Тоа сме го кажале и досега. Така ги постигнавме и големите договори, штитејќи ја нашата национална посебност – македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа што тоа е право на самоопределување, тоа е чувство и не постои договор што го утврдува начинот како се чувствуваме и каков јазик зборуваме. А тоа е и европска вредност, рече Заев.

Според него, до решение со Бугарија треба да се дојде со европски начин на размислување и без да се уништи достоинството на која било од двете страни. – Народот од двете земји сака да соработува, а не сака да има причини за кавги, додаде Заев. 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров на средба со европратеникот Андреас Шидер, кој е копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија истакна дека е потребно да се упати јасна порака до граѓаните дека европската перспектива на државите од Западен Балкан е јасна, предвидлива и остварлива и дека ЕУ е сериозна кога зборува за проширувањето.

Димитров нагласи дека неодложно е потребно постигнување на консензус за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, заради доследно спроведување на одлуката за почеток на пристапни преговори.

– Ги цениме заложбите на Европскиот парламент и вашите лични заложби за што поскоро официјално стартување на пристапните преговори, процес кој мора да се одвива во европски дух, со почитување на европските вредности како основи на процесот. Успехот ќе значи дека и ЕУ ги реализира своите одлуки и ќе даде поттик за продолжување на реформите и јакнење на демократските институции, не само во Македонија, туку во целиот регион. Потребно е да се упати порака до граѓаните дека европската перспектива на државите од регионот е јасна, предвидлива и остварлива и дека ЕУ е сериозна кога зборува за проширувањето, односно комплетирањето на Европа, истакна Димитров.

Шидер на средба со претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека застојот во евроинтеграцискиот процес на земјава поради проблемот со Бугарија, е во спротивност со европскиот дух и дека не треба да претставува пречка за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

Данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод по завчерашната средба со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, на Твитер објави дека е импресиониран од темпото со кое се одвиваат реформите во земјава, дека таа е добар пример за регионот и дека со нетрпение очекува што поскоро да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ.

Портпарол на Стејт депратментот изјави дека САД го поддржуваат членството во ЕУ на сите земји од Западен Балкан и ги поддржуваат сите напори на Европската Унија и на нејзините членки да им помогнат на Македонија и Бугарија полесно да постигнат решение.

– Историскиот Преспански договор покажа дека државите во Западен Балкан се способни да исполнуваат тешки работи, да прават компромиси и да наоѓаат решенија. Убедени сме дека Бугарија и Македонија ќе го направат истото преку преговарање за нивните билатерални спорови надвор од пристапниот процес со ЕУ. САД ги охрабруваат сите напори на ЕУ и нејзините земји членки да им помогнат на страните полесно да го постигнат овој резултат, изјави портпаролот на Стејт департментот.