Македонија
12. March 2019 - 10:55

СЈО: Сите документи за „Империја“ се сочувани, нема поплава туку пукната цевка

Сите документи од предметот „Империја“ се сочувани, потврди за МИА обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Лиле Стефанова, по информацијата објавена во некои медиуми дека дел од документите собирани како докази за три предмети, биле поплавени. Од СЈО велат дека не се работи за поплава, туку за прскање на една цевка од парно греење во сутеренски простори, а не во подрум.

Од СЈО посочуваат дека сите документи се скенирани и се чуваат и во електронска форма, а по целосниот увид на документацијата во однос на предметите „Триста“ и „Шпион“, доколку има потреба за некој од документите, тие ќе бидат обновени.

-Tочно е дека поради дотраеност на сѐвкупната инсталација за парно греење во објектот во кој е сместено Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, протече една од цевките на тој систем, при што беше зафатена дел од документацијата на неколку предмети кои се водат од страна на ова Јавно обвинителство, меѓу кои на „Империја“, „Триста“ и „Шпион“. Притоа, треба да се има предвид дека во ова Јавно обвинителство документите се скенираат, но доколку се утврди дека има документи кои не биле ставени во електронска форма, ќе се бара нивно обновување. Во моментот се испитуваат причините за конкретниот дефект и се спроведува внатрешна процедура со цел да се изготви попис и проценка на вкупната штета. Инаку, од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите осигурени се како објектот, така и опремата, наведуваат од СЈО. Истиот одговор, во пишана форма, посочуваат од СЈО, го дале и на прашање од новинар за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

Во случајот „Империја“ кривично се гонат 13 лица, меѓу кои и бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Цветан Панделески, како и Сашо Мијалков. Тие се сомничат за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело во периодот од 2002 година до 2013 година.