Македонија
14. July 2024 - 16:49

Синдикатот на Клинички со поддршка - Медицинската сестра од Детска утре пред Комисија

Комисијата од Клиниката за детски болести утре треба да го расчисти случајот со тримесечното бебе од Сарај за кого семејството обивнува дека е повредено од здравствен работник на одделот за имунологија. Медицинската сестра утре ќе ја каже и својата страна на приказната која предизвика бурни реакции во јавноста со објавување на снимки од доенчето кое има модринки по раката.

Помош и поддршка сестрата доби и од Синдикатот на Клинички центар чиј член е, од каде посочуваат дека не смее да се обвинува никој пред да се докаже вина, да не се прават приказни на етничка основа и тоа на грбот на медицинските лица. Нема да дозволат да се гази достоинството на македонските здравствени работници.

- Јавно повикуваме и на инспекцискиот и стручниот надзор да утврдат дали има  пропусти во стручната работа на медицинската сестра, и согласно извештаите доколку се во корист на медицинскиот персонал,  да се поведе постапка против сите лица кои јавно, навредуваа и спроведуваа политички дневни агенди, стои во реакцијата на Самостојниот синдикат на Клинички.

Медицинската сестра од Детска доби поддршка и од свои колешки. Снежана Исаковска која со децении работи на Клинички реагира на отсустноста на фелата.

-Не верувам дека здравствен работник може намерно да нанесе повреди на тримесечно бебе. Ме загрижува индиферентноста на здруженијата на медицински сестри, техничари и акушерки. Сега во овој момент требаше да преземат некакви чекори, да излезат со некакви изјави- Ако колешката е виновна нека докаже формираната Комисија, а ако не е виновна, досега никој не излезе јавно да каже дека треба да се сопре со овие напади на медицинск исестри и сите здравствени работници, затоа што сите се чуствуваат загрозени со вакви ситуации и фрапирани што може да ни се случи, вели Снежана Исаковска, медицинска сестра и член на ЗМСТАМ

Иако на социјалните мрежи имаше ставови дека бебето има тромбоцитопенија која предивикува подливи и модринки, директорот на Детска вели дека тие сомнежи биле отфрлени при приемот на клиниката  кога биле направени анализи.

Со обелоденување на случајот, истиот ден министерот за здравство  и директорот на Детска го посетија семејството во Сарај. Таравари кажа ако има вистина во обвинувањата, ќе има и санкции.