Македонија
11. July 2019 - 16:14

Силно невреме во Преспа - уништени туристички кампови и земјоделски површини

Апокалиптични слики после вчерашното невреме кое ја зафати Долна Преспа. Невремето проследено со силен ветер, дожд и град за само половина час направи пустош. Најстрашна е состојбата во автокампот „Крани“. Откорнати дрвја од корен, некои од нив паднале врз камп приколки, некои го попречиле патот. Денеска се расчистуваше, се сечеа дрвјата со моторни пили за да се отстранат. Камперите велат, вакво невреме не доживеале никогаш.

-Преку ролетни врнеше, внатре влегуваше град, невидено нешто. Јас сум од Скопје, не паметам вакво невреме.

-Грда слика, ова е цунами, невидено нешто. Само што си заминав, ми се јави комшивката , рече дојди дрвото ти го скрши кампот. Со багер да го туркаш ова нема да се стори, велат камперите.

Од невремето најпогодени се селата Крани, Долно Дупени, Љубојно, Наколец, Стење, Претор и Штрбово. Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски истакна дека е направено координативно тело заедно со Дирекцијата за заштита и спасување, а екипите веќе се на терен и ги санираат состојбите и работат на расчистување и оспособување на патните правци за сообраќај. Во Преспа денеска дојдоа и министрите Спасовски и Димковски.

-Државата заедно стои со локалната самоуправа со сите капацитети и траѓаните на Ресен и Преспа треба да бидат спокојни за да ја санираме состојбата и да ги процениме сите материјални штети, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека нема повредени.

-Мораме да бидеме свесни за вакво силно невреме, треба да бидеме среќни зашто немаме ниту повредени ниту жртви, Материјалните штети ќе се надокнадат, жртвите никогаш нема, изјави Аднан Џафероски, директор на ДЗС.

Направена е голема материјална штета, паднати бандери, искршени гранки, летнати покриви...Но, огромна е штетата и на овошните насади во должина од 10 километри. Покрај плодот оштетени се и дрвјата.

-Буквално се случи водопад од град и дожд, се истури небото проследено со силни ветришта кои однесоа дрвја. Уништени се овошните насади во селото Крани, Штрбово, Наколец, дел од Сливница, дел од Долно Дуипени, Брајчино и Љубојно, рече Љубе Пампулевски, овоштар.

-Штетите не се 100% туку 1000% од причина што не е само родот туку се оштетни и самите овошки, што наредните 3-4 години ќе се одрази катастрофално на квалитетот и производите, вели Митко Ристевски, жител на Преспа.

Екипите ќе излезат на терен да направат проценка на штетата.

-Покрај тоа што ќе се прави проценка на принос, штета на јаболката, ќе се прави проценка и на основни средства, односно колкави штети ќе се направени на самите дрвја, така што сето тоа ќе влезе во елаборатоите кои ќе бидат доставени до владината комисија, истакна Трајан Димковски, министер за земјоделие.

Селата зафатени од невремето се без електрична енергија и вода, а се прават напори тоа да се реши во најбрз можен рок.