Артан Груби излезе од куќен притвор, но надвор од Скопје нема да може да оди
Груби излезе од домашен притвор но за да излезе и на прошетка надвор од државата се уште чека одлука од кривичниот совет. По 60 дена, мерката куќен притвор денеска му истекува. Од сега па натаму тој освен во Кривичниот суд на рочишта ќе може да излегува од дома и да оди каде и да посака. Поранешниниот вицепремиер е слободен граѓанин но без пасош бидејќи на сила е и мерката за претпазливост со која му е одземена патната исправа поради опасност од бегство. Груби понуди гаранција од три стана во негова сопственост во замена за слободно да патува и надвор од Македонија. Предлогот до кривичниот суд неговата одбрана го поднесе минатата недела.
„Oдбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка.“ информираат неодамна од Кривичниот суд.
Поранешниот вицепремиер, по повеќе од 14 месеци бегство во февруари годинава сам се врати во земјава и беше приведен на граничниот премин Блаце.
Обвинет е во случајот „Државна лотарија“, заедно со поранешниот директор ова трговско друштво Перпарим Бајрами, како и уште пет други лица. Пред судот одговара за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Груби на судењето се изјасни за невин.
На последното рочиште сведочеше директорот на Секторот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Тој ја објасни процедурата на спроведување на јавната набавка за која рече дека е спроведена по претходно донесените Финански план и План за јавни набавки, но кажа и дека ВЛТ апаратите никогаш не биле искористени и биле оставени во магацините на Државна лотарија
Обвинителите најавија дека по наредното рочиште, закажано на 20 октомври ќе кажат зошто нивниот сведок не ги дал посакуваните одговори и што тие ќе преземат понатаму. Следната недела одбраната ќе ги соопшти своите сведоци а на листата се очекува да се најдат поранешни министри меѓу кои со сигурност ќе биде и екс министерот за финансии Фармир Бесими.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
