Силна бура во Газа уништи илјадници шатори на раселените семејства

Силна зимска бура што го зафати Појасот Газа оштети или целосно однесе илјадници шатори во кои се сместени раселени семејства, дополнително влошувајќи ги и онака тешките услови за живот и продлабочувајќи ги стравувањата од нова хуманитарна катастрофа, соопшти денеска Цивилната заштита на Газа.
Портпаролот на службата, Махмуд Басал, изјави дека силните ветрови и обилните врнежи предизвикале масовно уништување на привремените засолништа, особено долж крајбрежјето, каде што шаторите биле искинати или однесени од ветер со брзина до 60 километри на час.
Тој ја поврза кризата со континуираната израелска блокада на влезот на хуманитарна помош и градежни материјали во Газа.
– Ова не е само криза поврзана со временските услови. Она што го гледаме е директна последица на блокирањето на градежните материјали и опструкцијата на обновата, што ги принудува луѓето да живеат во искинати шатори и небезбедни, оштетени домови, без достоинство и заштита – наведе Басал во соопштението.
Според палестинските метеоролози, невремето започнало вчера и се очекува да продолжи со нестабилни временски услови, со нови врнежи и силни ветрови во одделни делови на територијата.
Басал предупреди дека секое ново влошување на времето се претвора во „вистинска хуманитарна катастрофа“ поради континуираната блокада, додавајќи дека илјадници шатори сѐ уште се изложени на ризик од уривање или поместување.
Тој наведе дека многу семејства биле принудени да постават шатори покрај самото море, откако големи урбани подрачја станале ненаселиви по повеќе од две години израелско бомбардирање.
За време на слична бура кон крајот на декември, стотици шатори долж брегот кај Кан Јунис беа поплавени откако морската вода навлезе во внатрешноста.
Басал предупреди и на илјадници делумно уништени куќи на кои им се заканува уривање, оценувајќи дека напукнатите ѕидови и ослабените конструкции претставуваат смртоносна закана, особено за време на обилни врнежи и силни ветрови.
МИА
Ново на Сител
-

Автобус удрил во девојче кај скопско Ново Село, сообраќајот отежнат
-

Четири лица осомничени за трговија со дрога и хашиш во гевгелиско, предложен притвор
-

Граѓанска иницијатива ,,Стоп за Усје" најави марш оваа Сабота пред Влада поради загадениот воздух
-

Финални подготовки за пуштање во функција на системот „Безбеден град“
-

Во Минесота рочиште за тужбата со која се бара прекин на зголеменото присуство на ICE
-

Кумановци што работеа во Ирак и Авганистан повторно на протест пред општинската зграда
-

МВР: Глобите за сообраќајни прекршоци во рамките на „Безбеден град“ од 15 до 500 евра
-

Возач со 1,81 промили алкохол приведен во Неготино
