Македонија
3. September 2025 - 16:54

Сиљановска: По многу бели линии, апсурдно е сега да зборуваме за црвени

По многу бели линии, апсурдно е сега да се зборува за црвени. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова возврати на најавите на Филипче за резолуција во Собранието која ќе ги исцрта црвените линии во процесот на евроинтеграции. Смета дека многу поважно е партиите да договорат единствен став со кој ќе настапуваат надвор од државата.

-По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии, е апсурдно. Ние имаме декларација, и тоа не само една, туку неколку декларации имаме донесено во Собранието и не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите, рече Сиљановска-Давкова.

Најавите за нова резолуција, но и иницијативата пред Уставен за преиспитување на уставноста на протоколот со Бугарија предизвикуваат загриженост во Софија.

Бугарскиот министер за надворешни им пиша писмо европските колеги, европската шефица на дипломатијата Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Писмото Георгиев го почнува со растечка загриженост за континуираното неисполнување на обврските на Македонија кон ЕУ.

-Пакет-договорот одобрен во јули 2022 година на европско ниво останува единствениот можен пат напред за оваа земја-кандидат за ЕУ. За жал, наместо конструктивен дијалог и добрососедски односи, забележуваме политика на конфронтација, провокации и повлекување од преземените обврски, вклучително и целно оспорување на клучните договори пред Уставниот суд во Скопјe. Остануваме на ставот дека најдоброто решение за иднината на Западен Балкан е учеството на сите земји во овој најуспешен проект наречен Европска Унија. Исто така, сме подготвени да му помогнеме на Скопје да го следи својот европски пат во процесот на реформи, во случај членството во Обединета Европа да биде вистински избор на нејзината влада, наведува министерот за надворешни работи на Бугарија.

Постапки и одлуки на Уставниот суд не смее да коментира македонскиот државен врв, а уште помалку политичари од соседни држави, возврати претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

„Непријатно ми е да коментирам вакви изјави, како што е непријатно да се даваат коментари за работа на уставен суд. Уставните судови се надвор од поделбата на власта внатре во државата, а сигурно не се под јурисдикција на соседни политичари. Ако некој покренал постапка во Уставниот суд, судот ќе реши дали има основа за негово проследување, а одлуките на уставните судови и во Бугарија и во Македонија се конечни, извршни и не се коментираат“, вели Сиљановска.

Во однос на непочитувањето на пресудите  од Меѓународниот суд во Стразбур од страна на Бугарија, Сиљановска прашува зошто постои судот, ако неговите пресуди не важат поеднакво за сите држави.