Македонија
17. јуни 2025 - 12:21

Шведски тим од социјални работници и пожарникари се солидаризира за кочанчани

Тим од Шведска пристигна во Кочани за да пружи несебична помош на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Во следните неколку денови ќе споделат искуства за тоа како полесно да се справат со последиците, поучени од страотниот пожар кој се случил пред 27 години во дискотека во Гетеборг. 

 - Видовме луѓе кои работеа ден и ноќ, за да им помогнат на децата и младите повредени во пожарот, ги носеа во болниците овде и насекаде во Европа.. Кога започна трагедијата луѓето се соединија за да им помогнат и да направат нешто за оние  на кои помошта им беше неопходна. Оваа трагедија во Кочани не потсети нас, за пожарот во дискотеката во Гетеброрг каде загинаа 63 млади Швеѓани и над 200 беа повредени, изјави Ами Ларсон Џаин, амбасадорка на Шведска во Македонија.

- Три месеци Кочани живее во длабока криза, емотивна, психичка и криза поврзана со  управување со секојдневието. За да се справиме со оваа трагедија помошта е повеќе од добредојдена, изјави Венко Крстевски, в.д. градоначалник на Кочани.

Кочани секојдневно тагува за прерано згаснатите 62 млади животи. Болката е неизмерна и остава длабок белег во душите на родителите, роднините и пријателите. 

- Предизвиците денес се многу посложени. Како да им се пријде на луѓето и заедницата кои имаат толкава болка, а тоа да се препознае како помош. Како да се уважи потребата за правда , да се слушне и почувствува нивното страдање, а да се испочитува времето на тагување и борбата со загубата? Како да се надмине стравот од заборав, изјави, Лина  Ќостарова-Унковска, основач на Центарот за психосоцијална и кризна акција.

Делегацијата од Шведска ја сочинуваат социјални работници и пожарникари, кои во наредните неколку денови ќе остварат контакт со граѓаните на кои име потребна психолошка поддршка.