Македонија
27. May 2025 - 19:41

Што содржи предлог-законот за ратификација на договорот со Обединетото Кралство?

Партнерскиот договор меѓу Македонија и Обединетото Кралство испратен на ратификација во Парламентот. Текстот на предлог законот веќе е поделен до сите пратеници, потврдуваат за Сител собраниски извори.

Според потпишаниот договор на 22 мај, финансиската поддршка за Македонија е во висина на 5 милијарди британски фунти, а опфатени се проекти од областа на здравството, транспортот, технологија и енергетика. 

Според документите испратени во Собрание, предложено е одновување и реконструкција на болници во Штип и Кичево, Универзитетски клинички центар во Скопје. Пари од помошта ќе бидат наменети и за болници во Куманово, Битола, Тетово, Гостивар, Охрид и Струга. Ќе се инвестира и во брза железница долж Коридорот 10 кој ги поврзува граничните премини Табановце и Богородица, главниот град Скопје и аеродромот Скопје. Предвидена е и програма за развој на Коридорот 8. Дел од средствата ќе бидат наменети и за развој на капацитетите за сајбер безбедност и дигитална трансформација на Владата. Сериозно внимание ќе се посвети и на производство и пренос на електрична енергија. 

„Владата на Обединетото Кралство го потврдува интересот и капацитетите на Инструментот на Обединетото Кралство за финансирање на изворот (UK Export Finance ‘UKEF’) за обезбедување финансирање за поддршка на приоритетните проекти, под услов да ги исполни правните, политичките, финансиските и други барања за задолжителна проверка и одобрување, при тоа земајќи ја исто така предвид неговата политика за преземање ризик за вакви проекти во моментот на разгледување на истите. Потенцијалната поддршка од Инструментот на Обединетото Кралство за финансирање на извозот ќе зависи од кумулативната сума на изложеност на кредитниот ризик на UKEF за проектите во Република Северна Македонија, која не смее да го надмине тековното ограничување од 5 милијарди фунти“, стои во текстот. 

Договорот ќе важи за период од десет години, а како владини предлагач потпишан е министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.